
Различни математики за странските инвестиции – власта и опозицијата во жестока кавга
Различни математики и жолчна петочна кавга за тоа колку странските директни инвестиции влегле во земјава. Народна банка објави дека во првиот квартал од годинава во земјава се вложени 29,7 милиони евра странски пари, што е неколкукратно помалку во споредба со истиот период лани, кога биле инвестирани 235 милиони евра.
Опозицијата ова го искроисти за жесток напад врз власта, со обвинување дека ова е најлош резултат на нивото на странски инвестиции во последните 10 години. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски преку видеообраќање на јавноста и порача дека поразите и измамите на оваа Влада станувале секојдневие. Тој со различни бројки од оние на НБМ, вели дека странските директни инвестиции во првиот квартал од годинава се скромни 21,6 милиони евра.
Приливите по основ на директни инвестиции се ниски и најчесто доаѓаат од фирмите кои веќе работат во Република Македонија. Нови инвестиции воопшто и да нема. Дополнително, доколку го споредиме овој квартал со кварталите од изминатите десет години, странските директни инвестиции во првиот квартал од 2019 година се убедливо најниски.
Ова е потврда дека нереалното ниво на странски директни инвестиции кои се постигнати на крајот од минатата година се надуван резултат кој е последица на реинвестираната добивка кој вештачки го подигна процентот на директни странски инвестиции. Нешто за што веќе дебатиравме и на нешто на коешто веќе предупредувавме. Голема лага е дека има успех во странските директни инвестиции. Бројките и фактите се немилосрдни“, вели Христијан Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Но експресно со пресконференција возврати вицепремиерот Кочо Анѓушев. Тој вели дека опозициските обвинувања се дневно политички маркетинг и замајување и вознемирување на граѓаните од луѓе кои не ја знаат економијата, па затоа пред јавноста излегува со објаснување колку всушност точно тежат реалните странски инвестиции. Вицепремиерот тврди дека реалниот странски капитал на инвеститори кои дошле да градат фабрики во земјава и конкретно инвестираат во првиот квартал е дури 78,8 милиони евра, што е пет пати повеќе од просекот во истиот период од изминатите седум години, и 227 проценти повиси инвестиции во споредба со првиот квартал од најдобрата година. Но, заради методологијата на пресметка на Народна банка, која ги регистрира и одливите што странските фабрики што работат овде ги имаат кон нивните фирми мајки во странство, е регистрирана оваа бројкас кај НБМ, од 29,7 милиони евра.
Оваа бројка е помала затоа што фирмите ќерки што работат овде испорачале производи кон нивните фирми мајки во странство, тоа е 171 милиони евра и тие пари ќе бидат наплатени, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
Вицепремиерот ги наброја сите конкретни компании што веќе инвестираат во земјава, а од нив само две или три се од времето на претходната власт. Лани странските инвестиции на годишно ниво забележаа историски рекорд од над 620 милиони евра.
Нина Нинеска-Фиданоска