Поставени канти за ѓубре низ Скопје како дел од артивистичките акции

Поттикнати од последните анализи и истражувања дека во поголем дел од Шведска воопшто нема ѓубре и затоа го увезува од странство,за да ги продолжи процесите на рециклирање со кои произведува огромни количества електрична енергија и гориво, Единицата за брзи артивистички акции,  на повеќе локации во главниот град постави канти за ѓубре или таканаречени солидарни пунктови, со цел да и’ помогне на оваа скандинавска земја.

  • Со оваа акција би сакале да ги мотивираме нашите граѓани да бидат солидарни со пријателската Шведска и воедно да размислиме за нашата повеќедецениска традиција на фрлање и трупање ѓубре насекаде, велат од Единицата за артивистички акции.

За потсетување, уште од почетокот на 90-тите години, Шведска применува сеопфатен систем за селектирање и рециклирање на отпадот. Низ ревидирање на законската рамка и во тесна соработка со стопанството и граѓаните, Шведска направи еколошки свесно општество. Но, кај нас мака мачиме со собирање на ѓубрето, појавата на бројни диви депонии, фрлањето ѓубре во природата и насекаде каде што поминал човек. 

  • Апелираме до локалната и централната власт да обезбедат: ефективен систем за рециклирање и заштита на животната средина, почитување на законите, постојана едукација и подигање на свеста, оптимален број на канти за ѓубре за селекција на отпадот, редовно празнење и сервисирање на веќе поставените, оштетени канти за ѓубре и контејнери, од користење или негрижа, велат артивистите.           

Сега е моментот да се обединиме и да му помогнеме на братскиот шведски народ, зашто Скопје бил и е град на солидарноста, дополнуваат од Единицата за брзи артивистички акции.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ