
Лето или есен е новата временска рамка за добивање датум за преговори
Јуни е тешко достижен за добивање на датум за преговори, а летово или есенва е новата временска рамка во која премиерот Зоран Заев очекува Европската унија да ја донесе одлуката за старт на преговори со земјава. Сепак не го напушта оптимизмот дека со малку напор од земјите-членки датумот би можел да стигне и во јуни.
Иако препораката е безусловна, чиста и јасна, за дел од експертите неизвесноста за датум во јуни е поради техничките процедури најавени од Германија и секако непроменетиот став на Франција против проширување на ЕУ, кои можат да го одолжат целиот процес.
Ардита Абази Имери од Институтот за европска политика е на став дека тоа би било техничко одложување на постапката, што би било проследено со соодветна формулација во заклучоците на Советот во јуни.
„Доколку сега не се случи тоа ќе има некакви заклучоци, меѓутоа можно е Советот во јули или во октомври, како што беше кажано, да препорача таа меѓувладина конференција сепак да започне во декември. Засега не слушнавме изјава дека датумот во декември се оспорува од некој. Спорно е само момнеот кога советото ќе даде зелено светло тоа да се случи. А со тоа би се означило и формално отпочнување на пристапните преговори“, смета Ардита Абази Имери од Институт за европска политика.
Но и покрај ставот дека не е спорно одржувањето на меѓувладината конференција до крајот на годинава, Абази Имери сепак предупредува дека секое одложување на формалната одлука за старт на преговорите носи ризик за земјава, но истовремено е и тест за самата Унија за нејзиниот кредибилитет и фер однос кон Македонија.
„Секое одложување е ризик, ние не да заостанеме, туку да го забавиме темпото со реформите. Тука е на тест и кредибилноста на ЕУ, секое одложување на преговорите значи потфрлување од смата ЕУ на самите ветувања што ги даде“, изјави Ардита Абази Имери од Институт за европска политика.
Освен закана за реформскиот импулс на земјава, недобивањето датум носи ризик и за целиот регион. Поточно, Абази Имери смета дека Унијата ќе ја загуби својата моќ на привлекување и својата смисла во регионот.
За Извештајот од Европската комисија и она што и останува на земјава како обврска во реформскиот процес, нејзиниот ставот е дека имплементацијата е следниот чекор.
„Несомнено е дека ние направивме голем исчекор. Тоа се гледа, се валидираат сите наши напори, но сега останува имплементацијата и во пракса, да видиме како тие реформски заложби кои беа во легислативниот дел како ќе се имплементираат, во пракса“, вели Абази Имери.
Предизвик, вели Абази Имери останува и јакнењето на капацитетот на администрацијата, и во технички и во човечки капитал, за да може имплементацијата на реформите да биде на нивото кое го очекува Унијата.
Тамара Грнчароска