Жбогар: Земјата е подготвена денеска да ги почне преговорите со ЕУ

Препораката од Европската комисија не може да биде појасна, Северна Македонија ги исполни сите критериуми кои и беа спотавени минатиот јуни. Земјата е подготвена денес да ги почне преговорите. Вака кратко евроамбасадорот Самуел Жбогар го сублимираше она што денеска од Брисел го порача Европската комисија дека земјава добива јасна и чиста препорака за датум за преговори и оти сега е на земјите-членки да го потврдат тоа.

Препораката е многу јасна, не може да биде појасна. Таа кажува дека сите услови кои беа поставени од земјите-членки минатиот јуни се имплементирани. Препораката како што рекоа Хан и Могерини е дека земјата сега, во овој момент, е подготвена да ги почне преговорите, изјави Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ.

Жбогар кој Извештајот за земјава за првпат го презентираше истовремено пред законодавната, извршната и судската власт кај претседателот на државата, посочи дека се надеева дека реформскиот ентузијазам на земјава ќе продолжи и продолжување на реформите. Тој ја нарече земјава уникатен позитивен пример во регионот каде Собранието функционира, каде има кохабитација меѓу сите институции во државата, а нема и отворени билатерални прашања.

Ентузијазмот за продолжување на реформите со евроамбасадорот го сподели и претседателот на државата стево Пендаровски, но доколку досегашните реформи бидат наградени со заслужен датум за отпочнување на преговори.

Како претседателот очекувам Европскиот совет во јуни да донесе одлука за почеток на пристапните преговори за членство. Секое дополнително одложување на започнувањето со преговорите ќе влијае демотивирачки на нашето општество и ќе има сериозни импликации врз спроведувањето на европските процеси, изјави Пендаровски.

Дека земјава го исполнила својот дел од обврската и сега возвратно очекува датум за преговори потсети и спикерот на Собранието, Талата Џафери.

Со што уште еднаш ЕУ ќе докаже дека стои на определбата за отворени врати за проширување. Со тоа уште еднаш ќе биде дадена шанса на тоа што беше придонес, посебно на нашите граѓани, кои макотрпно, безусловно нè поддржаа на ова патување за да дојдеме до овој конечен успех, за Извештајот да биде безусловен, порача Талат Џафери, претседател на Собранието.

Дека ова е најчиста препорака и најпозитивен извештај за земјава откако таа е кандидат за членство во ЕУ беше аргументот на премиерот Зоран Заев да и порача на ЕУ да го испорача тоа што го ветила – датум за преговори.

Ни беше речено испорачјате вие, ќе испорачаме и ние. Испорачавме реформи и обезбедивме одлични односи со соседите по сите стандарди, покажавме политичка зрелост  и европски манири. Сега на потег се државите членки и институциите на ЕУ. На потег е Европа да испорача одлука што ќе ни ја донесе врз основа на нашите заслуги, рече Зоран Заев, претседател на владата.

На презентирањето на Извештајот од ЕК кај претседателот присуствувше и замник-претседателот на Врховниот суд, министри, претставници на пратеничките групи во Собранието, како и претставник на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, за што евроамбасадарот Жбогар рече дека е дел од она што ЕУ го препознава како позитивна промена во земјата.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ