
Во пописот и матичен број за да се спречи двојното попишување
Матичните броеви на граѓаните ќе бидат пречката, некој да се попише двапати на пописот што ќе се спроведе идната година во април. Посебна компјутерска апликација ќе сигнализира веднаш штом некој го внесе бројот по вторпат, без разлика дали тоа е сторено овде или во странство.
Класичен попис во дијаспората нема да има. За нив податоци ќе можат да дадат нивните роднини овде, а ќе можат и самите да се попишат електронски.
Ова ќе биде прв попис по 16 години. Ќе се спроведе идната година од 1 до 21 април и ќе ја чини државата околу 8 ипол милиони евра. Покрај бројот на населението, становите и зградите, ќе се попишува и што се` поседуваат домаќинствата. Ќе се собираат и податоци за географските, економските, образовните, миграциските, културолошките и религиозните карактеристики. Вклучена е и графа за етничката припадност. Во операцијата ќе учествуваат околу 6 илјади лица, кои ќе попишуваат во 45 региони. За првпат ќе се користи комбиниран метод, односно ќе има и класично попишување лице в лице, а ќе се користат и електронските бази на податоци од институциите. Попишувачите ќе носат лаптопи, а прашањата ќе се пополнуваат електронски. Конечните резултати се очекуваат шест месеци по попишувањето.
Далиборка Демјанска Цветановска