
Косово го пушти автопатот Арбен Џафери, нашиот дел ќе почека до 2023
Огномет, конфети и насмеани лица на повеќе делагации од регионот кои дојдоа на гости, на свеченото пуштање во употреба на последната делница од автопатот Арбен Џафери, кој го поврзува главниот град на Косово со границата на нашата држава. Автопатот е долг 65 километри и го има највисокиот и најдолгиот мост на Балканот, а косовскиот буџет го чинеше 705 милиони евра.
Но за македонските граѓани да патуваат само по автопат од Скопје до Приштина, ќе мора да почекаат дури до крајот на 2023 година, колку што е потребно за да заврши изградбата.
„Кога македонската страна ќе го заврши својот дел од автопатот долг 14 километри, дури тогаш од Скопје до Приштина ќе може да се стигне за времетраење од 45 милнути“.
Од Министерството за транспорт велат дека за првата подделница од граничниот премин Блаце до клучката Блаце во должина од два километри во тек е јавната набавка за надзор на изградбата, која треба да заврши за околу 20 дена, и се очекува тендерот да се објави следниот месец, по што, во рок од година и половина треба да завршат градежните работи, за кои пари се обезбедени во буџетот на ЈП за државни патишта. За втората подделница, пак, од клучката Блаце до Скопје, од околу 10,5 километри, се изработуваат основниот и проектот за инфраструктура, за што е добиен грант од европски фондови. Во втората половина на идната година треба да почнат градежните работи, кои ќе траат три години, па целиот автопат треба да заврши дури до 2023 година, велат од ресорот за транспорт, чии министер Сугарески присуствуваше на настанот, но немаше изјави за медиумите.
За премиерот Заев, косовскиот успех и за нас ќе бида мотивација да ги забрзаме постапките.
- Автопатот Арбен Џафери, претставува мотивација и за нас за да ја забрзаме процедурата. И ние набргу ке објавиме тендер за 14 километри пат, во вредност од 120 милоиони евра, со што патот Скопје-Приштина ке се помине за 45 минути од Блаце до Скопје“, вели Зоран Заев, премиер на Република Сверна Македонија.
Оваа модерна автопатска артерија, вели тој, ќе овозможи најсовремен, најбрз и најбезбеден проток на стотици илјади автомобили, граѓани и други транспортни средства, кои овозможуваат Косово да биде меѓу топ 20 земји со кои имаме највисок обем на размена од над 500 милиони евра.
Косовските власти задоволни, велат – вака ќе го поврземе целиот регион.
- Ова е најголем мост на Балканот, ова е едно ново, модерно, европско Косово“, вели Хашим Тачи, претседател на Косово.
- Со векови го чекавме овој автопат. Кога со мојот колега Заев ќе го завршиме и на негова страна, двете земји заедно ќе ги користат придобивките“, вели Рамуш Харадинај, премиер на Косово.
Американскиот амбасадор на Косово рече дека фактот што на свеченоста присуствуваат сите лидери од регионот, доволно зборува за сериозноста и потребата од овој автопат. За црногорскиот премиер Марковиќ, овој проект укажува дека тоа го постигнала одговорна влада и одговорна држава.
Автопатот Арбен Џафери го доби ова име уште во 2014 година, кога започна да се гради.
Долгогодишниот лидер на ДПА, Арбен Џафери, кој почина во 2012, беше високо почитуван кај сите Албанци од регионот.
Нина Нинеска Фиданоска