
Зелено светло од ЕК за почеток на преговорите
Европската комисија препорача безусловен почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан посочи дека е постигнат значаен напредок во реформските задачи поставени минатата година од страна на Советот на ЕУ.
Прво, секако најпозитивни примери се Северна Македонија и Албанија, кои го прифатија прозорецот на можности и го искористија она што беше поставено како стратегија за Западен Балкан, на најдобар можен начин. Двете земји испорачаа, посебно во областите, кои беа едногласно одредени во заклучокот на Советот во јуни 2018-та, порача хан.
Извештајот бележи напредок во сите области и особено кај клучните реформи поставени минатата година од страна на Советот за општи работи на ЕУ. Комисијата нотира конкретни резултати во: судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и јавната администрација.
Сведочевме за бројни успеси и достигнувања кои се импресивни. Посебно Северна Македонија и Албанија ја зграпчија можноста и ги испорачаа реформите. Посебно историскиот Преспански договор со кој се стави крај на проблемот со името со Грција, и ги зајакна добрососедските односи, исто како што е направено и со Бугарија, е нешто што сите го почитуваме и вреднуваме, и го препознаваме како историско менување на играта, не само за земјата, туку и за регионот, рече Високата претставничка за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини.
Напредокот во делот на борбата против корупцијата треба да продолжи со оглед на распространетоста на оваа појава во општеството. Земјата покажа континуира одлучност за подобрување на судскиот систем и имплементацијата на новата правна рамка е солидна база за постојан прогрес. Нов закон за интегрирање на СЈО во обвинителниот систем е подготвен и судовите донесоа пресуди за високопрофилни предмети од СЈО, стои во извештајот.
Подготвеноста за реформа на јавната администрација, ЕК ја оценува како умерена, при што се истакнува дека е направен „добар напредок“ но потребни се дополнителни напори за да се спречи нејзина политизација. Новата законска рамка за спречување корупција е подобрена а новиот состав на Антикорупциската комисија според Брисел е далеку потранспарентен за разлика од претходните и презел важни чекори за проактивна борба против корупцијата, вклучувајќи постапки против високи претставници од сите партии.
Кај економските критериуми, во извештајот кој се однесува на периодот од март 2018 до март 2019, ЕК констатира одреден напредок и добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија. Нотирани се мерки на подобрување во управувањето со јавните финансии и транспарентноста и реформите во оданочување на приходите и во пензискиот систем.
Игор Трајков