
Раководството на ГАК во отворен судир, Јовановска и Беља со меѓусебни обвинувања за закани и уцени
Директорката на Клиниката за Гинекологија и акушерство (ГАК) Викторија Јовановска и економскиот директор на клиниката Ваљон Беља влегоа во отворен судир со меѓусебни обвинувања за закани и уцени, партиски вработувања, непотизам и спроведување на партиски директиви.
На вчерашната објава на Беља на социјалната мрежа „Фејсбук“ за наводен криминал и фаворизирање на фирма, Јовановска денеска возврати дека причина за постапките на економскиот директор лежат во одбивањето да одобри вработување на две лица во неговиот кабинет.
Таа нагласи дека тестовите за кои обвини Беља се набавени со негова согласност и негов потпис и најави дека ќе поднесе тужба за клевета.
Од друга страна пак, економскиот директор денеска ги достави во обвинителството документите кои вчера ги објави на „Фејсбук“. Тој уште еднаш повтори дека станува збор за фаворизирање на фирми и ја обвини Јовановска за закани и уцени на персоналот вработен во ГАК. Беља тврди дека не дал согласност за набавка на тестови.
Тој додаде дека на Клиниката нема правична застапенот, открил непотизам, вработувања по партиски директиви и економски криминал и најави дека во наредните денови ќе ги достави доказите за овие тврдења на јавноста
Инаку за спорните тестови Јовановска тврди дека се одобрени од министертсвото за здравство и Фондот и дека се користат на други клиники. Таа потврди дека се скапи, но додаде дека другите тестови за кои се залага Беља имаат скриени трошоци и се со далеку понепрецизни резултати.
Министерот за здравство Венко Филипче не даде коментар околу последните настани на ГАК и најави дека во текот на денот ќе се сретне со двајцата директори за да разговара за настанатите проблеми.
Огнен Чанчаревиќ