
Министрите на СДСМ ја оставааат судбината во рацете на Заев, Садула Дураку „шмугна“ пред прашањата за метлата
Најавената метла ги изнесе булдожерите. На регионалниот пат Куманово – Липково мини влада, тројца министри, директор, двајца пратеници и двајца градоначалници. Почна да се реновира пат кој е направен уште во Народна Република Македонија.
Земјакот на Димитриевски, од синоќа не е партиски потпретседател. Оливер Спасовски не знае дали пак ќе добие висока партиска позиција, смета дека тоа ќе го реши Заев. На премиерот му остава да реши дали ќе го смени или ќе го остави на државните функции, министер за внатрешни, вицепремиер и претседател на владината кадровска комисија.
Министерот за транспорт и врски кај Куманово дојде со цела папка проекти, иако се лицитира и со смена на Сугарески, а се спомнува де напредок де оставка и од директорот на претпријатието за јавни патишта Зоран Китанов. Но и тие функционерската судбина ја оставаат во рацете на Заев.
Третиот министер е за животна средина и е од Липково, го спомнуваат како можен нов министер за политички систем, ама Садула Дураку кога почнаа прашањата за метлата- се шмугна зад грбот на Спасовски.
Во Скопје немаше булдожери, туку дебата за регионален развој. Вицепремиерот Анѓушев повтори дека на функција се доаѓа и се заминува, вчера доби пофалби од Заев, а сега вели премиерот ќе одлучи за неговата позиција.
Од помалите коалициони партии како Сухејл Фазлиу од НДП, сметаат дека за метлата треба да се одлучи според коалициски договор, исполнети ветувања и задоволство на граѓаните.
Претстои политичка математика колку членови на владата ќе заминат. Засега се испразнети две места- култура, по оставката на Асаф Адеми, и новоформираното министерство за политички систем поради што нема вицепремиер за рамковен каде Хазби Лика главно отсуствуваше од работа.
Миомир Серафиновиќ