На охридските угостителски објекти им недостасуваат квалитетни готвачи

Најголем дел од Шефовите на кујна во охридските ресторани немаат доволно познавања за потеклото на храна која ја подготвуваат, недоволно се едуцираат, и немаат страст кон готвењето.

Без тоа не можат да се подготват квалитетни и уникатни јадења кои ги привлекуваат туристите, вели познатиот светски готвач со Мишелин ѕвезда Џорџо Дијана, кој втора година по ред е дел од Гастро манифестацијата „Taste Ohrid“, што ја организираат туристичкиот кластер Еден, ФТУ и општината.

“Овде колку што можам да забележам готвачите се во кујна поради егзистенција и заработка, а не поради страста кон готвењето. Немаат ментори, иако многу од нив сакаат да научат. Овде имате одлични локални производи, но ако не знаете како да ги подготвите и искористите, тоа е исто како да возите Ферари со мотор од Фиат”, вели Џорџо Дијана.

Токму локалните производи можат да направат разлика во квалитетот и да ја зголемат вредноста на храната која се нуди во охридските ресторани, кои според  според туристичките експерти, треба значително да ги освежат менијата во согласност со светските трендови и да им потенцираат на гостите какви намирници користат.

Квалитетните ресторани се додадена вредниост на туризмот, вели италјанскиот угостителски експерт Андреа Бијаџини, кој ќе биде промотор на Охрид во Милано, кои од неодамна се поврзани со директен авионски лет.

“Ќе се обидам да објаснам дека покрај сите вредности кои ги има Охрид, гастрономијата можеби е еден од најважните чинители во туризмот и тоа треба да е правило-без добра гастрономија и кујна не може да се очекува добар туризам” – вели Бијаџини.

Мишелин готвачот Дијана деновиве одржа мастер часови со студентите по гастрономија и готвачи од охридските ресторани.

Мал дел ги имаат прифатено модерните трендови, но генерална оценка е дека во најголемиот дел од  рестораните недостигаат квалитетно едуцирани готвачи, поради што експертите предлагаат вклучување на неформалното образование, курсеви, и пред се вложување во кадарот од страна на сопственициите и менаџерите за да направи успешна гастрономска приказна во Охрид.

Горан Момироски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ