
40 обвинители ќе бидат обучени за препознавање случаи на криминал од омраза
40 обвинители годинава ке поминат на обуки за препознавање и соодветно постапување во случаевите со криминал од омраза откако денеска потпишаа меморандум за соработка Академијата за судии и јавни обвинители, Јавното обвинителство , ОБСЕ и ОДИХР
Криминалот од омраза се заснова на предрасуди и нетолеранција а обвинителите се клучни и со соодветна истрага се испраќа порака дека криминалот на омраза нема да се толерира порачаа потписниците на меморандумот.
Според јавниот обвинител, Љубомир Јовески, често се злоупотребува и меша прашањето на слободата на говор и изразување на мислата, кое е основно човеково право со распалување на омраза без чувство за одговорност за искажаниот збор
-Со непристрасно постапување по предметите на криминалот од омраза јавните обвинители претставуваат чувари на демократските вредности и владеењето на правото, изјави Јовески
-Обуките за јавните обвинители ќе бидат корисни за успешно препознавање на елементите на кривичните дела од омраза, кои се идентификуваат низ мотивот, мислењето за жртвата, изјавите и гестикулациите, пишаните пораки насочени кон некое лице или објекти со културно и историско значење, изјави Габер Дамјановска
– Во периодот од 2013 до 2019 година цивилниот сектор во Северна Македонија има регистрирано повеќе од 500 случаи на криминал од омраза. Најголем дел како меѓуетничко насилство меѓу млади, напади врз религиозна основа, закани и напади врз бегалци и членови на ЛГБТ заедницата, изјави Клеменс Која, шефот на мисијата на ОБСЕ.