
Решавањето на проблемите во Охрид нотирани од УНЕСКО започна со палмите
Справувањето со проблемите нотирани во Извештајот на реактивната мисија на УНЕСКО, кои се закануваат Охридскиот регион да го стават на листа на загрозени подрачја, започна со отстранување на палмите кои пред неколку години беа засадени во рамки на акцијата Ден на дрвото.
Се работи за неавтохтони видови, кои ќе бидат заменети со соодветни, информира градоналникот на Охрид Георгиески.
Тој најави дека во рок од 30 дена општината ќе изготви регистар на нелегални градби, кои од страна на УНЕСКО се нотирани како еден од најголемите проблеми. Тие внимателно ќе се разгледуваат случај по случај, а уривањето ќе биде неселективно, рече Георгиески
Георгиески посочи дека во моментов во Охрид има помеѓу 500-600 нелегални градби и дека е многу дискутабилно како ќе се постапува во ситуација кога државата со години носи закони за нивна легализација.
Тврди дека општинскиот градежен инспекторат излегувал на терен секаде каде имало пријава за незаконски дејствија и изготвувал записници и пријави, кои понатаму не се процесуирани од надлежните институции.
Проблем има и со прогласување на мораториум за градење во крајбрежјето, на што инсистира УНЕСКО.
Од 19 забелешки нотирани во извештајот на УНЕСКО, не се отстранети повеќе од половина, но Георгиески е оптимист дека со посветена работа на надлежните институции на локално и централно ниво, одлучен и неселективен пристап истите можат да се решат.
Смета дека и доколку на претстојната сесија на Комитетот за културно наследтво во Баку Охрид биде ставен на листа на загрозени подрачја, градот нема да го изгуби статусот во УНЕСКО, но тоа ќе биде сериозна опомена до сите за неопходна промена на свеста за значењето на природното и културното богатство кое 4 децении е на листата на заштитено светско наследство.
Горан Момироски