
Европските избори започнаа во Обединетото Кралство и Холандија
Гласачките места во Обединетото Кралство се отворија денеска на изборите за новиот состав на Европскиот парламент, во првиот од четирите дена гласање во 28-те земји членки на ЕУ.
Во Обединетото Кралство овие избори се одвиваат во крајно невообичаена атмосфера, додека британците се уште не одлучија како да се справат со сопствените планови за напуштање на Европската Унија.
Во 9 изборни единици во Англија и по една во Шкотска, Велс и Северна Ирска треба да бидат избрани вкупно 73 членови на Европскиот Парламент а секој регион ќе има различен број пратеници во зависност од населението.
Сите овие пратеници сепак ќе ги изгубат своите работни места, доколку Велика Британија конечно најде начин како да го оствари Брегзитот.
Половина час порано, европските избори започнаа и во Холандија, единствената држава во која денеска се гласа, покрај Обединетото Кралство.
Европските избори ќе траат се до Недела а гласачите треба да изберат вкупно 751 европски пратеници, барем додека Обединетото кралство не ја напушти Унијата а потоа таа бројка ќе изнесува 205 пратеници.
Холанѓаните гласаат за 26 европратеници а по Брегзитот, нивното учество во Европарламентот ќе се зголеми на 29 пратеници.
Резултатите од четиридневното гласање нема да бидат официјално соопштени се до недела навечер.
Овие европски избори ќе бидат вистински тест за тоа колку е навистина зголемена поддршката за популистите и евроскептиците кои сакаат да ја ограничат моќта на официјален Брисел на сметка на своите национални влади, иако најсилните земји членки како Франција и Германија инсистираат дека единството е најдобра заштита за сите членки на ЕУ, заради променливите економски и социјални интереси во новиот светски поредок.