
Протест против изградбата на минарето на Алипашината џамија во Охрид
Активностите на споменикот на култура Алипашина џамија во охридската чаршија, каде се гради минаре високо 32 метри се изведуваат незаконски. Тоа ќе има далекусежни последици не само по градот туку и по државата, истакнаа учесниците на мирниот протест, што попладнево се одржа пред зградата на Општина Охрид во организација на Здружението на граѓани „Совест“.
Учесниците на протестот изразија разочараност од институциите на системот, кои, според нив, целосно потфрлиле во овој случај. Надеж гледаат во УНЕСКО, кој случајот со Алипашината џамија, ќе го разгледува на 34 сесија на Комитетот за културно наследство што ова лето ќе се одржи во Баку.
Организаторите бараат премиерот Заев и градоначалникот Георгиески да се заложат за решавање на случајот и најавија дека протестите ќе продолжат се додека институциите не постапат согласно законот и нивните надлежности за заштита на културното наследство на Охрид.