
Копач: Северна Македонија во следните години ќе мора забрзано да инвестира во обновливи извори
Нема да има мерки кон Северна Македонија затоа што нема да ја исполни обврската за производство на струја од обновливи извори, но земјата ќе мора забрзано да инвестира во нив во следните години, вели во интервју за Телма, директорот на Европската енергетска заедница, Јанез Копач. Во него тој зборува и за обврската што си ја зададе Европа да нема воопшто употреба на јаглен до 2050 година. За либерализацијата на пазарот на струја која стартуваше од почетокот на годинава, вели дека треба повеќе време за да донесе бенефит за граѓаните.
- Рековте дека Република Северна Македонија до крајот на наредната година сигурно нема да може да го постигне потребното ниво на производство на струја од обновливи извори на енергија, кое е 23 проценти. Дали и какви мерки ќе бидат преземени за земјава и што треба да направи таа за да го достигне тоа ниво?
Нема да има никаква постапка, таа Директива престанува да важи, но се носи нова, и таа нова ќе се гради на претпоставки дека тие цели до 2020 биле усвоени, и бидејќи знаеме дека веројатно нема да се исполнат, тоа значи дека Македонија ќе мора забрзано да инвестира во обновливи извори во следните години.
- Каква е стратегијата на Европската унија околу обновливите извори, што треба да се направи во следниот период?
Европската унија сака да стане целосно декарбонизирано подрачје до 2050 година, што значи дека дотогаш нема да има ни една термоелектрана на јаглен, ни една термоелектрана на гас, никаква употреба на нафта или мазут, потполно преструктуирање на енергетиката. Се да биде на обновливи извори.
- Во последниот извештај на Европската енергетска заедница имаше критики до македонските власти дека иако е донесен Законот за енергетика, се уште има проблеми. Што сметате дека сега е главен предизвик за Македонија?
Прво, всушност не бевме критични. Секако, не е направено се стопостотно, но ако ги погледнеме земјите во опкружувањето и ако видиме што се случувало во минатото, Македонија направи огромен чекор напред во последната година. Огромен. Преку 60 подзаконски акти беа усвоени само од Регулаторната комисија. Јас имав забелешка дека еден подзаконски акт врзан за балансниот пазар не бил усвоен и тоа некои новинари го интерпретираа како голема критика, но не беше. Следната голема работа што мора да се случи, а уште не се случила, е новиот закон за енергетска ефикасност, кој би организирал многу поефективен систем со мерки на поддршка на енергетската ефикасност. Законот е напишан, ние помогнавме во тоа, и сега само мора да ја заврши процедурата во Владата и потоа да отиде во парламент. На обновливите извори и на енергетската ефикасност ќе треба да се посвети целото внимание во наредните години.
- Од почетокот на оваа година почна либерализацијата не електрична енергија, но се уште компаниите кои имаат лиценци за снабдување со струја, не им понудија договори на граѓаните. Кога и дали граѓаните ќе видат бенефит од таа либерализација, или, пак, дали таа либерализација може да донесе некои ценовни шокови?
Ценовните шокови, ако се преголеми, Регулаторот може да интервенира, значи немојте да се плашите. Второ, промената на снабдувачот од страна на граѓаните, оди бавно. Јас кога тоа како министер го воведов во Словенија, одамна, првата година практично никој не го промени добавувачот, дури во втората и третата година, тоа почна масовно. На луѓето им треба одредено време да научат, и да добијат некое чувство на сигурност. А трето, вистина е дека струјата во опкружувањето е скапа и можеби ќе помогне новата мерка во Бугарија каде сега, од први јули оваа година ја укинуваат извозната тарифа, која спречуваше поголема трговија, и Бугарија, на среќа, засега сеуште е извор на релативно евтина електрична енергија во тој регион, па се надевам дека таа среќна околност ќе помогне во тоа да и граѓаните го видат тој бенефит.
Нина Ниниска Фидановска