
МВР води истрага за случајот Богоевски
Во МВР е отворена истрага за аудио снимката со гласот на Павле Богоевски. Министерот Оливер Спасовски уверува дека ќе се третира како и секој друг случај, без оглед на тоа што се работи за пратеник.
Власта не смее да го забошоти овој случај и да го загрози безбедносниот систем, предупредува ВМРО ДПМНЕ. Потсетуваат дека Богоевски поседува безбедносен сертификат, членува во Комисијата за надзор на безбедносните служби и има целосен увид во нивното функционирање, опременост, кадровска поставеност и методи на работа.
За ВМРО ДПМНЕ, прифатлива е идејата на Независната пратеничка група за нарко-тест на пратениците. „Осуммината независни“ поднесоа иницијатива во понеделник, Собранието да обезбеди услови и лекарски тим за доброволен тест на сите пратеници за наркотични средства.
Велат дека тоа треба да биде добар пример во борбата против употребата на наркотици, а така треба да постапат и другите политичари, функционери, административни службеници, судии, обвинители, градоначалници и советници.
Нивната идеја е прифатлива и за СДСМ.
Нема правна основа за реализација на оваа идеја, одговори првиот човек на Собранието Талат Џафери.
Здравствената состојба на пратениците, како и на другите вработени лица во државата, се потврдува со редовни здравствени систематски прегледи на секои две години.
Кодексот за етичко однесување не му дава право на претседателот на Собранието да утврдува одговорност на пратеник без формално покрената иницијатива ниту пак му дава надлежност во постапката за утврдување на сторени лесни и тешки повреди и изрекување мерки за пратениците, се вели во соопштението од Џафери.
Сите политички субјекти апелираат институциите да го истражат случајот. Пред неколку дена, новоотворен профил на руска социјална мрежа објави аудио снимка во која Богоевски прави нарачка: според таканаречениот Илија Громовник – кокаин, а според пратеникот, масло од канабис за близок роднина. Богоевски самиот пријави во полиција нелегална набавка за здравствени потреби, но и нелегално снимање од таксистот што во тој момент го превезувал.
Соња Николовска