
Ќе има ли иднина за Веибо?
Доцна синоќа кулминираа состојбите во текстилната фабрика Веибо во Крива Паланка. Дел од вработените и го блокирале излезот од погонот на управителката и уште неколку турски државјани сомневајки се дека ќе изнесуваат документација или текстилни производи. Иако барале јавен обвинител не дошол во погонот.
- Дознавме дека дошла за документи, спонатно се собравме за да дознаеме зошто ни ги запреа договорите и не ни ги даваат парите. Се крши Законот за работни односи, сите институции се запознати, УЈП може да го реши проблемот ама нема слух, велат вработените.
На 250 работници кои останаа без работа не им се исплатени три плати и придонеси ниту пак земале пари за прекувремените работни часови. Денеска е петти ден како што протестираат на улица. Се сомневаат во ветувањата на управителката дека има две заинтересирани фирми кои сакаат да ја купат и рестартираат фабриката и дека парите ќе ги добијат во рок од два месеца.
Владата е запознаена со состојбите во Веибо. Вицепремиерот Анѓушев вели дека на состојбите во текстилната фабрика и претходи историја на недоразборања меѓу ветеното од минатата влада и реализираното, но решение за излез ќе се најде.
- Тоа се рецидиви од минатотот, на инвеститорите им се ветувало нешто што потоа не се исполнувало. Од „Веибо груп“ до Владата испратиле повеќе дописи со жалби за постапките на владините претставници кои преговарале со компанијата за нејзино учество во македонската економија. Ќе и помогнеме на Веибо и на вработените, вели Кочо Анѓушев вицепремиер за економски прашања
Веибо груп беше долго најавувана странска инвестиција од страна на бившата влада. Во 2014 Груевски најавуваше дека инвеститорот ќе вработи околу 5000 луѓе, дека ќе отворат неколку текстилни фабрики, а директорот Селџук Алперен најавуваше дека земјата ќе ја направат балкански текстилен центар и ќе инвестираат 400 мил долари.
Виолета З Стојановска