
Пратеникот Богоевски во полиција – пријавува недозволено снимање и сам себе за масло од канабис
Попладнево, пратеникот Павле Богоевски излезе од полициската станица Центар, се пријави самиот себеси но и непознат сторител. Во одделот за борба со недозволена трговија и шверц се пријави сам себе бидејќи авторот на постот на руската социјална мрежа ВК тврди дека пратеникот по телефон нарачувал да купи кокаин. Богоевски тврди дека не купувал кокаин туку канабис масло за близок човек, а во полиција пријави и дека бил нелегално сниман од страна на таксистот кого не го памти.
Објавената снимка ја коментираа и од ВМРО-ДПМНЕ, велат дека многу лесно може да се провери дали пратеникот од власта употербувал дрога.
Богоевски вели дека се што ќе побара полицијата во истрагата тој ќе направи, дури ако треба и тестирање. Според него постот на ВК и разговорот е снимен пред неколку месеци, но се пушта сега кога тој како претседател на комисијата за мандатно имунитетни прашања треба да закаже расправа за одземање на мандатот на Никола Груевски, поради 6-месечното отсуство по бегството од Македонија.
Разговорот од 41 секунда е објавен на профил со име Илија Громовник, кој според достапните информации е отворен вчера под исто име и со иста слика како и профилот кој во време на изборната кампања објави неколку разговори од таканаречените бомби. Разговорот на Богоески е снимен на друг начин, но поради содржината оставка од него побара актерот Драган Спасов Дац, кој си поднесе оставка од директор на театар поради сообраќајка во која повреди млада жена, а на Заев му даде и метла меѓу двата изборни круга за чистење на лошите кадри кое досега не е отпочнато.
Миомир Серафиновиќ