
Се екипира тимот на Пендаровски
Универзитетскиот професор Александар Спасов, државниот секретар во МНР Виктор Димовски, членот на економско социјалниот совет на СДСМ, Тоше Зафиров, професорката Ана Чупеска, граѓанската активистка Мерсиха Смаиловиќ најверојатно ќе бидат дел од кабинетот на Претседателот Стево Пендаровски.
Се вршат интензивни комуникации со одредени личности , се очекува најдоцна до крајот на идната недела да се екипира новиот состав.
Во кабинетот на Пендаровски ќе има место и за владиниот портпарол, Миле Бошњаковски и Катерина Цаневска Арсовска која е вработена во Собранието. Претседателот на државата има 9 советници, по двајца за внатрешна и за меѓународна политика и по еден за одбрана, воени прашања, меѓунационални односи и за протокол.
Како советодавни тела на шефот на државата се и советот за меѓународни односи и советот за безбедност.
Неизвесно е дали ќе останат во истиот состав. Во Советот за безбедност по функција членуваат претседателите на Собранието и на Владата, министрите за одбрана, за надворешни и за внатрешни работи, додека тројца членови именува претседателот на државата.
До крајот на неделава ќе биде разрешен директорот на Агенцијата за разузнавање Зоран Иванов. Кој ќе го наследи не се открива.
Се очекуваат промени и во Комисијата која одлучува за помилување.
Досегашните советници на Иванов ќе си заминат од претседетелскиот кабинет. Од него не добивме информација дали во новите простории со себе ќе земе тројца советници со кои соработувал во изминатите години.
Јулијана Пешевска