
Реконструкција на Владата во јуни
Поради неисполнети ветувања, ароганција или непотизам, премиерот Заев ќе предложи разрешување на неколку министри, заменици министри и директори на државни институции.
Предлогот за реконструкција на Владата ќе биде готов до јуни, а до крајот на тој месец по вертикала и другите кадровски промени.
Паралелно, сличен процес ќе се одвива и во партиските структури на СДСМ, најави премиерот по четиридневниот одмор со пријателите во странство.
Овие денови, за „владината метла“, за која вели дека веќе има концепт, Заев ќе разговара со Али Ахмети но и со другите лидери од коалицијата.
Смета дека и кај нивните кадри има човечки слабости поради што треба да има промени. Но, ДУИ останува на ставот дека за кадрите од нивната партија одлучува: партијата.
Смената на функционерите кои не испорачуваат добри резултати беше најавена пред три недели, во екот на изборната кампања.
Иако премиерот Заев не соопшти ниту број ниту имиња ниту ресори во кои ќе прави промени, во јавноста се шпекулира дека реконструкцијата ќе ги зафати ресорите култура, екологија, транспорт, економската сфера, односно секторот инвестиции, а истовремено ќе биде назначен и прв човек во новоформираното Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
Соња Николовска