Филипче контра Адеми – нема ниту градинка, ниту училиште за децата без исполнет вакцинален картон

Министерството за здравство не отстапува од строгите мерки во време на епидемија. За да нема зараза од мали сипаници и во иднина – нема ниту градинка, ниту училиште за невакцинираните деца, повтори Филипче. Тој не е подготвен го менува ставот.

„Нема да отстапиме од тоа да сите деца коишто се примаат во установите – и во градинките и во основните школи да бидат вакцинирани. Не смееме кога ги имаме сите инструменти во рацете, кога е тоа пропишано Закон, задолжително е да се даде таа потврда за вакцинација да замижиме или да направиме пропуст па да ни се случуваат вакви епидемии со смртни случаи“ кажа Венко Филипче, Министер за здравство.

Со оваа изјава Филипче му одговори на министерот за образование Адеми кој вчера понуди друг модел.

„Една од опциите кои се разгледуваат е да се запишат учениците, во меѓувреме да се вакцинираат, или на почетокот на септември да има теренска вакцинација за сите тие ученици кои следат образовен процес, а не се вакцинирани“ кажа на 13 мај Арбер Адеми, Министер за образование и наука.

Двајцата министри веќе се сретнале и пробале да ги усогласат ставовите. Сега на средба во Влада ќе чекаат правните експерти да го анализираат текстот на Законот во кој пишува дека основното образование е задолжително, но услов за упис се примените вакцини.

„Министерот за образование сакаше тоа прашање да го постави денес на седницата на Владата, за да добиеме соодветни правни мислења од Секретаријатот за законодавство.“ кажа Венко Филипче, Министер за здравство.

На Инфективна клиника секојдневно има нови пациенти. Вчера дошле 13 заболени на преглед, а најмалите се на возраст од 7 и 10 месеци.

Во потешка состојба се 6 пациенти.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ