
Сите го чекаат Заев за “метлата”
Сите го чекаат премиерот Заев да се врати од одмор и да започнат преговори за првиот бран разрешувања на државни функционери.
За ова ќе одлучуваат и највисоките партиски тела на коалициските партнери по што се очекува лидерска средба на Заев и Ахмети до крајот на неделава.
Прво ќе се разрешуваат министри и ќе се именуваат нови.
Очекувањата се предлогот да се најде на дневен ред на собраниска седница во Јуни. Никој од министрите досега не изјавил дека се чувствува загрозен и би можело да биде дел од реконструкцијата.
Министерот за здравство, Венко Филипче не размислува за оставка.
Последниот збор, вели, ќе го има Заев.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев се чувствува релаксирано кога станува збор за најавената “метла” и покрај најавите дека со неа ќе бидат опфатени и економските министри.
Познавачите на состојбите велат дека одговорност на функционерите мора да има, не само политичка туку и морална.
По реконструкцијата на Влада ќе следат промени и кај државните секретари, јавните претпријатија но и во партиските структури.
Не е исклучена можноста да се побараат оставки и од двајца градоначалници на скопски општини поради лошите изборни резултати.
Јулијана Пешевска