Иванов повлечен од сајтот како претседател, но не и од истрагите на Антикорупциска

Повлечен e официјалниот сајт на Претседателот на државата, откако медиумите објавија дека на страницата до попладневните часови официјално како претседател се уште стоеше името на Ѓорге Иванов. На сајтот до 15 часот не беше внесена промената за нов претседателот на државата, ниту каква и да е информација од вчерашната инаугурација на Пендаровски и примопредавањето на функцијата меѓу него и Иванов. На сајтот последната инфомација до поладневните часови беше средбата на Иванов со Папата Франциск, а во категоријата инаугурација стоеше инаугурацијата на Иванов од 2014 година.

Иванов кој од вчера е поранешен претседател, можно е да биде иден нов предмет на Антикорупциска комисија. Извори од Комисијата за Телма информираат дека антикорупционерите денеска разговарале за проверка дали постои непотизам и судир на интерес во закупот на канцелариите за иден Кабинет на Иванов во зградите на Џевафир. Како што дознава Телма Антикорупциска ќе се обрати до институциите за прибирање на документи околу закупот на становите за канцеларии. Закупот за двата стана кои СОЗР ги изнајми на барање на Иванов за негов кабинет во зградите на Џевахир е во висина од 1.950 евра плус ДДВ. Договорот за закуп е склучен со фирмата „Турмак“ во сопственост на Есап, Хамит и Јусуф Џефахир, семејството со кое Иванов има кумашински релации.

Во меѓувереме, додека се расчистуваат прашањата на сајтот на Престедателот кој е претседател на државата и од кого Иванов ги изнајмил становите, во Централен регистар, како што дознава Телма, е започната промената на името на институцијата Претседател на државата. Претседателот беше последната институција која го немаше променето името во согласнст со новото уставно име, поради одбивањето на Иванов да го признае новото име на државата.

Од Централен регистар за Телма информират дека утрово кај нив биле луѓе од кај претседателот за да се комплетира документацијата за промената и оти постапката за упис на промената на името е во тек и можно е уште денска да заврши процедурата.

Во меѓувреме не се открива кои ќе бидат луѓето кои ќе го пополнат кабинетот на Пендаровски. Медиумите веќе почнаа да објавуваат имиња на луѓе кои би можеле да се „преселат“ во Вила Водно меѓу кои и портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, како шеф на неговиот кабинет. Бошњаковски за Телма телефонски изјави дека не сака да коментира шпекулации и засега не може ништо официјално да каже за тоа дали ќе биде дел од тимот на Пендаровски.

Како дел од тимот на Пендаровски се споменува и името на професорот Алаксандар Спасов, кој вчера присуствуваше на средбите на Пендаровски со лидерите од регионот. Катерина Ценавска – Арсовска од кабинетот на собранискиот спикер Талат Џафри, која беше вклучена во организацијата на примопредвањето на функцијата претседател меѓу Иванов и Пендаровски во претседателската вила, денеска присуствуваше и на средбата на Пендаровски со евроамбасадорот Жбогар. Засега нема официјална потврда и за нејзиниот трансфер во претседателскиот кабинет.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ