
Нема пречка за Интерпол-потерница по Груевски, убеден Спасовски
Убеден е дека нема никаква пречка за потерница на Интерпол по Никола Груевски. Министерот за внатрешни работи кој истата функција ја извршуваше и во ноември кога екс премиерот избега во Унгарија денеска вели дека Интерпол ги проверува сите детали за пратените информации и скоро ќе ја објави втората потерница по Груевски, овојпат за 27-ми април. Спасовски обајснува дека не станува збор за грешка во процедурата туку за детални проверки на Интерпол.
На сајтот на МВР, стои потерницата по Груевски за двете дела, казната од две години затвор за случајот на СЈО Тенк и притворот кој веќе му е определен поради сомнежи на обвинителството за организиран криминал и корупција дека поранешниот премиер е еден од организаторите на крвавиот четврток. Но според Спасовски, на Интерпол има само една потерница за бегството и пресудата. На Груевски му беше одобрен азилот во Унгарија откако тој го побара затоа што сметаше дека е под политички прогон во татковината.
Тогаш беше само осуденик кој наместо во Шутка избега преку граница. По отворањето на истрагатза организаторите на насилствата од 27-ми април во Собранието, обвинителството го известило одделот за потраги на МВР дека треба да се распише уште една потерница по него. Македонското одделение на Интерпол потоа ја известило централата во Лион, но два месеци се уште нема нова потерница по избеганиот поранешен премиер.
Во истата истрага потерница се бара и за Никола Бошкоски, поранешен вработен во УБК, кој е во бегство во Грција каде бара азил, а во Македонија е обвинет во повеќе случаи на СЈО меѓу кои и за Тврдина-Таргет.
Миомир Серафиновиќ