Министрите растрчани пред реконструкцијата на Заев

Откако премиерот најави чистка во владата, министерите се растрчаа. Се почнуваат нови проекти, се најавува завршување на старите, заборавени во фиоките. Денеска тројца од нив, промовираа проекти, притоа не пропуштајќи да зборуваат и за досегашните реформи. Министерот за внатрешни работи притоа изјави дека не се плаши од метлата на премиерот. Го поддржува во најавите за владина реконструкција, затоа што смета дека е потребна смена на одредени кадри, врз основа на утврдени критериуми.

Спасовски вели и дека, во МВР има кадровски промени од првиот момент, а ќе има и понатаму. Се работи за кадри кои не покажале резултат во работата и не се држат до принципите за кои се залага министерството. Ќе се оценува работата на сите вработени, без разлика дали се на раководна позиција или се полициски службеници. Министерот за финансии, пак, не одговори директно на прашањето дали очекува да биде сменет, туку ги редеше реформите, велејќи дека самиот е задоволен од својата работа и од работата на управите и дирекциите во состав на министерството со кое управува.

Министерот за образование, Арбр Адеми кусо одговори дека е фокусиран на реформите и засега не се занимава со тоа. Јавноста, пак, го чека враќањето на премиерот од одмор, по што треба да се сретне со Ахмети и заеднички да ја договорат најавената владина реконструкција.

Далиборка Демјанска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ