Петтиот претседател на Македонија

Портите на претседателската вила на Водно се отвараат за петтиот претседател на Македонија. Овој пат, влегува како носител на првата функција во државата, што ја освои во вториот обид, со дополнително петгодишно искуство во политичката, професорската и безбедносната сфера. На позицијата претседател доаѓа од функцијата Национален координатор за НАТО. Кусо време пред тоа беше пратеник на владеачката коалиција, а една деценија на Универзитетот „Американ колеџ“ предаваше геополитика, глобализација, меѓународни односи и безбедност. Пошироката јавност го запозна како советник за национална безбедност и надворешна политика на двајца претходни претседатели: на Борис Трајковски и на Бранко Црвенковски. Го ангажираа по искуството што го стекна во Управата за аналитика и истражување, како портпарол на МВР и како претседател на Државната изборна комисија.

На претходните претседателски избори во 2014-та, изгуби од Ѓорге Иванов. Во овие избори влезе како надпартиски кандидат на СДСМ, ДУИ и 30-тина други помали партии. Од конвенцијата им порача:

Во кампањата прикажа програма втемелена на шест столба: обединување, безбедна иднина, стратешко партнерство со ЕУ и со НАТО, надворешна политика усогласена со Владата и експертите, пријателски односи со соседите,  владеење на правото и демократијата и модернизација на армијата. Една од првите задачи ќе му биде да го потпише указот за неколку десетици закони кои неговиот претходник одби да ги потпише, бидејќи го носат името на Република Северна Македонија.

Неговите противници му забележаа дека е „другото лице на Заев“. Тој самиот очекува добра соработка, но и противење на сите грешки на Владата.

Во претседателската резиденција, Пендаровски ќе се всели со сопругата Елизабета, по професија стоматолог и со синот Огнен. Во кампањата, постојано беа крај него.

Пендаровски е петти претседател на независна Македонија, а прв што ќе биде претседател на Република Северна Македонија.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ