
Експертите сомничави за метлата, ќе ги исчисти ли вистинските функционери
Експертската јавност се сомнева дека најавената реконструкција за која премиерот Заев и лидерот на ДУИ Ахмети треба да пресечат кој ќе мора да се збогува со Илинденска, ќе доведе и до вистинско спорведување на реформите и раздвижување на економијата. Еден од клучните проблеми, според поранешниот министер за финансии, Хајредини, е што премиерот, вели, не може да воспостави контрола врз министрите од коалициониот партнер.
Не очекувам никаква серизна метла, од причина што Македонија е единствената земја во која премиерот нема никакви ингеренции над одредени членови во Владата, и нема друга држава ниту членка на ЕУ, да така функционира една модерна влада, ова е надвор од сите стандарди. Настрана што, секоја најава дека ќе има промени, коалицискиот партнер веднаш вика, нашите министри сите се добри и нема потреба да се реконструираат. Заев изјавува дека има непотизам, тие веднаш велат – кај нас нема непотизам и корупција, тоа го вели партија која десет години владееше со ВМРО-ДПМНЕ и до таму ја доведоа земјата да мора да доаѓа цел свет да ни ги решава проблемите, вели Џевдет Хајредини, поранеше министер за финансии.
Самите економски политики на власта, вели професорот Петрески, генерално се добри, проблемот е што недостига капацитет, способност тие да се спроведат.
Секако, тој недостиг на капацитет не можам да го лоцирам само во едно министерство, туку веројатно е широко распростарнет низ министерствата. Сега тие треба да си направат некоја своја внатрешна анализа и да видат каде навистина тој капацитет е најслаб и каде треба корекција. Кога мислам на капацитет, не мислам неопходно само на вработени во министерствата, значи капацитетот почнува од првиот човек, па оди надолу, вели Марјан Петрески, универзитетски професор.
Тоа се покажа со повторно слабата реализација на капиталните расходи, ако лани власта се правдаше со немање проекти и нераспишани тендери, сега, веќе на средината од оваа година, мора да признаеме дека немало кој да ги истурка тие инвестиции. Но, власта, мора да покаже и јасна економска визија, дали ќе се бори за повисок раст, или ќе се занимава со социјалата.
Дури и ако ја гледаме јавната дебата, таа во последно време е префокусирана на минималната плата, данокот, социјалата, а се помалку зборуваме за растот, од каде тој да произлезе, од кои индустрии да биде поддржан и слично, вели Петрески.
Харјердини стравува дека иако се потпиша Преспанскиот договор и изборите добро поминаа, годинава пак нема да биде економска.
За жал сега внатрешните проблеми се толку сериозни, што пак нема да се занимаваме со економијата. Податоците се катастрофални, да не зборуваме за СДИ, капиталните инвестиции се само 6 отсо, платите се најниски во регионот, најавите за 500 евра се владини пропагандни трикови, вели Хајредини.
Дел од министрите на ДУИ веќе се изјаснија дека ќе остават на лидерот Ахмети и на партиските органи да решат кој ќе го напушти функционерското столче. Извори на Телма велат дека сите имиња што ќе си заминат ќе бидат познати веќе наредната недела, иако премиерот деновиве е на одмор, се прават анкети и анализи за рејтингот на функционерите.
Нина Нинеска-Фиданоска