
Слаб одзив за вакцинација во внатрешноста – уписот на невакцинираните првачиња е проблем повеќе за надлежните
18 илјади деца до 14 години остануваат невакцинирани низ целата земја. Мнозинството од нив се од градовите од внатрешноста, а само околу 2 илјади се во Скопје. Комисијата за заразни болести денес се состана, но не донеле нови мерки за местата кадешто е низок одзивот за вакцинирање со МРП.
„Во Скопје кога се виде каква е епидемијата и кога родителите видоа какви можат да бидат последиците на децата – реагираа и ги вакцинираа своите деца. Мислам дека се уште не се свесни за ризикот родителите вон Скопје и затоа се одложува вакцинацијата“ кажа Проф. д-р. Владимир Микиќ, епидемиологот во Институтот за јавно здравје.
Епидемијата на цела територија трае месец дена, а повеќе од 100 новозаболени има секоја недела. Изминатите седум дена 110 луѓе се мачеле со симптомите како слабост во телото, покачена температура и осип. Половината од нив завршиле хоспитализирани.
„Според возраста – се движи од под една година до над 40 години. Најголем дел од случаите се на возраст над 30 години односно 57. Меѓутоа имаме висок број на деца под една година, односно 21 случај.“ кажа Проф. д-р. Владимир Микиќ, епидемиолог во Институтот за јавно здравје.
Заради епидемијата, од Владата минатата недела кажаа дека нема да бидат запишувани новите првачиња ако немаат примено соодветна вакцина.
И покрај ставот на Владата, министерот за образование, Адеми, остава простор за ова се уште да се расправа. Се повикува на одредбата дека основното образование е задолжително.
„Секое наше решение треба да биде во согласност со Уставната одредба кадешто се наведува дека основното образование е задолжително. Но, исто така треба да запазиме да не се воведеме во ситуација на загрозување на јавното здравје.“ кажа Арбер Адеми, Министер за образование и наука.
На Инфективната клиника во овој момент четворица остануваат во потешка состојба. 16 годишното девојче со церебрална парализа и масивна пневмонија како компликација, како и две деца и еден возрасен со компликации од морбили.
Петар Догов