
Иванов доби канцеларија во Џевахир „Скај сити“ со годишен буџет од 105.000 евра
Претседателот на заминување Ѓорге Иванов уште денеска ќе ја добие канцеларијата која ја избрал да биде негов иден работен простор.
Од СОЗР за Телма информираат дека утрово до нив од Кабинетот на Иванов било поднесено барање за изнајмување на просторот и доколку сите документи се во ред уште денеска ќе биде склучен договор за негово изнајмување.
Канцелариjата се наоѓаат во зградите на Џевахир Скај сити во општина Аеродром. Тој во канцелариата ќе може да вработи најмногу три стручни лица, а има право и на лично обезбедување, како и право на користење на службено возило и возач.
Буџетот на идната Канцеларија на Иванов, според Законот, е во висина од 8% од буџетот на претседателот на државата, кој за 2019 година изнесува 81 милион денари.
Тоа значи дека Канцеларијата на Иванов би добила на располагање околу 105.000 евра годишно. Државата ги покрива и материјални трошоци за потребите при остварувањето на активностите на поранешниот претседател.
Толкав буџет, освен Иванов, има и канцеларијата на поранешниот претседател Бранко Црвенковски. Вкупно двете канцеларии на поранешните претседатели ќе ја чинат државата околу 210.000 евра годишно.
Пензијата на поранешните претседатели е ограничена во висина на платата на актуелниот шеф на државата што во моментов изнесува околу 1.800 евра.
Таа се пресметува според методологија на коефицинет од 4,5 на просечната плата во земјата. Телма упати прашање до Кабинетот на Иванов дали тој поднел барање за користење на пензија, но засега нема информација дали тој се решил и на пензија, како што направи неговиот претходник Црвенковски.
Освен Иванов и Црвенковски правата на поранешен претседател ги користи и семејството на Борис Трајковски и тоа сопругата и децата до 26 години имаат право на по 70% од пензијата.
Покриени се и трошоците на школување на децата, како и изградба на семејна куќа или купување на стан до 300 м2.
Инаку Иванов в неделе го завршува својот 10 годишен мандат. Ќе остане запаметен по неколку контроверзни одлуки, меѓу кои амнестијата на осомничените во постапките на СЈО, недавањето на мандатот за формирање на влада на СДСМ по изборите во декември 2016, откако ВМРО-ДПМНЕ во предвидениот рок не успеа да формира влада, но и по непотпишувањето на низа од закони поради непризнавањето на новото уставно име на државата.
Претседателот во заминување до утре има право и можност за носење одлуки и укази за назначувања, поставувања, амнестирање, аболицирање.
Според информациите на Телма до денеска тој такво нешто не направил. Последната одлука која тој ја донесе како претседател се указите од 25 февруари со кои одликуваше припадници на АРМ, го унапреди по чин началникот на ГШ на АРМ, направи смена на неколку генералски места и упати во странство воени претставници. Дел од овие унапредувања и поставувања Антикорупциска ги прогласи за незаконски.
Тамара Грнчароска