
Државата ќе бара странски пари на заем за да го почне новиот Клинички – се уште не знаат колку ќе побараат
Државата почнува да се задолжува за новиот Клинички центар. Владата им даде задача на Министерствата за здравство и за финансии да им најават на странските банки и кредитори дека ќе им бараат заем за да почнат да градат. Надлежните се уште не знаат колку пари ќе побараат.
„Сакаме да ги започнеме процесите со цел да бидеме подготвени целиот процес да се одвива според зацртаната динамика. Тоа значи дека во моментов ќе го провериме интересот за финансирање. Кон крај на мај ќе ја објавиме и бројката“ кажа Миле Бошњаковски, Портпарол на Владата на Р.С. Македонија.
Од Владата потврдија дека локацијата на новиот Клинички центар ќе биде во населбата Ѓорче Петров. Најоптимистичните прогнози се дека до крајот на годината ќе почне да се копа на местото. На Илинденска број 2 чекаат странска фирма да направи проценка и да им каже колку ќе чинат сите работи.
„Оваа физибилити студија ќе биде завршена во мај, на крајот на мај, и тогаш ќе ја знаеме точната финансиска конструкција која што се разбира со текот на времето може да претрпи измени“ кажа Миле Бошњаковски, Портпарол на Владата на Р.С. Македонија.
За се да биде според Законот за јавни набавки, потребно е да се распише посебен тендер за проектирањето и посебен за изградбата. Во Владата размислуваа да иницираат законски измени, за целата постапка да биде на ист документ во иста папка како еден тендер.
„Меѓу другите работи токму тоа го разговараме, се со цел оваа постапка како еден пакет да ја добиеме за што пократко време.“ на 25 март кажа Венко Филипче, Министер за здравство.
Сега се премислија па нема да го менуваат текстот на Законот. Финансирањето ќе биде посебно, потврди за Телма Министерот за здравство Венко Филипче.
Објектот кој треба да ја замени веќе дотраената инфраструктура на постоечкиот Клинички ќе зафати 102 илјади метри квадратни вкупна површина во Ѓорче Петров. Ќе има 1300 болнички кревети, 20 операциони сали и 65 амбуланти за преглед.
Петар Догов