Главниот град дотеран во ново руво за посетата на Папата Франциск

Скопје во топли и убави бои го пречекува Папата на гости. Покрај безбедносните мерки, надлежните се посветија и на естетиката.

Владата има протокол за тоа како треба да изгледаат јавните и зелени површини за вакви важни посети. Токму оттаму побарале од претпријатието Паркови и зеленило да го постават најдоброто цвеќе што го имаат во своите стакларници – онаму кадешто ќе помине Папата Франциск.

Имаме посебни цветови што се побарани да ги засадиме на некои посебни места коишто ќе ги посети или кадешто ќе се движи Папата. Моментално во флората којашто ние ја произведуваме има многу добро цвеќе. Се што е најдобро го поставивме во делот кадешто ќе биде трасата на Папата, вели Ардијан Муча, директор на ЈП Паркови и зеленило.

500 работници на Паркови и зеленило подготвија разновидни цвеќиња, ја искосија тревата и ги поткастрија дрвата низ главниот град. Од Претпријатието не смеат да откријат кои се точните локации во Скопје на кои работеа работниците за посетата на Папата Франциск.

Специфична работа ни е кастрењето на дрвјата. Тоа го правиме под покровителство на Министерството за внатрешни работи, во соработка со нив. Како што знаете, има класифицирани информации што не смееме да ги кажеме како на пример каде ќе поминува трасата на Папата. Работиме интензивно, особено секторот Дрвореди со МВР, околу кастрењето на дрвјата кадешто се поставени безбедносните камери низ градот Скопје, вели Муча.

Работниците на Паркови и зеленило ангажирано го уредуваат Скопје, за градот да изгледа убаво при посетата на Папата. Но, тоа не им е единствена задача во пролетта. Во тек е и редовното сезонско уредување и посадување цвеќе.

Ова се само дел од цвеќињата на Паркови и зеленило коишто ќе бидат поставени како ново руво на градот заради посетата на Папата на 7 мај во вторник. Вкупно за целата сезона, од претпријатието се подготвуваат да засадат 300 до 400 илјади нови цвеќиња.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ