Расте бројот на болни од астма – скапите лекови најчесто достапни само на приватно

Расте бројот на луѓе коишто боледуваат од астма. Кај повеќето болеста се јавува во поблага форма. Лани заболеле 1500 амбулантски пациенти, а помалку од 300 завршиле во болница поради астмата. Сепак, една помала група на луѓе кои имаат потешка форма на оваа болест – немаат лек во земјава.

„Еден помал број на болни, тоа се помалку од 5% од болните со онаа тешка форма на астма коишто бараат еден посебен вид на терапија. Тоа е онаа биолошка терапија којашто за жал се уште не ни е достапна. Тие лекови не се ниту регистрирани во нашата земја.“ кажа професор доктор Бисерка Јовковска – Ќаева, претседател на Здружението на лекари пулмолози.

Лекарите сметаат дека нискиот број на тешко болни пациенти се должи на добрата терапија со инхалаторите коишто ги има во аптеките.

„По пат на инхалации со инхалатори. Тоа е една добра техника која овозможува еден поголем процент од лекот да навлезе во дишните патишта таму кадешто треба и адекватно пациентот земајќи повеќе од лекот може полесно да ја контролира астмата“ кажа професор доктор Дејан Докиќ, директор на Клиниката за пулмологија и алергологија.

Сепак и терапијата со инхалатори не е постојано достапна за астматичарите. Во аптеките се наоѓаат само во првите неколку денови во месецот. Лекарите ги сослушале пациентите кои се пожалиле за тоа. Реагирале до Фондот и побарале да ги тргнат инхалаторите од квотите во аптеките.

„За жал досега немаме повратен одговор. Се надевам дека и тоа ќе се разреши во интерес на болните бидејќи залудно е препишувањето и контролите доколку пациентот не успее да го прими препишаниот лек“ кажа професор доктор Бисерка Јовковска – Ќаева, претседател на Здружението на лекари пулмолози.

Ги прашавме од Фондот за став по барањето на лекарите до нив. Тие ни кажаа и дека кај нив ниту еден пациент не им напишал меил ниту им се јавил за да се пожали.

„Барањето за инхалаторната терпаија да биде изземена од квотите на Фондот е добиено и се разгледува. Деновиве во Фондот нема доставено информации ниту поплаки од осигуреници дека не можеле да набават одредена терапија во аптеките.“ соопштија од Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Симптомите на астмата се кашлица, отежнато дишење и свирење во градите. Од Детската клиника кажаа дека тие не изостануваат ниту кај децата. Тешко може да се утврди дијагноза во првите години, па затоа тие активно ја следат состојбата на децата кои се уште ги имаат симптомите и по петтата година.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ