Пендаровски прослави победа

Зурли, тапани и кавали одекнаа пред седиштето на СДСМ. За подобра атмосфера, и по некое денарче во отворите на инструментите. Пред да му се придружи на семејството, кое десетина минути го чекаше во службениот автомобил, новоизбраниот претседател Стево Пендаровски мораше да подзастане за да се фотографира и прегрне со најупорните симпатизери.

Честитки примаше и од сопартијците и од другите партии кои до последниот ден од кампањата и при вчерашното пребројување на резултатите беа покрај него. Ги повика да го сослушаат, потсетувајќи  ги на неговата функција.

Пендаровски посочи дека посветено ќе им служи на сите граѓани, дека ќе обединува и ќе претставува фактор на стабилност. Ќе ја поддржува Владата за сите важни проекти и ќе ја критикува кога ќе смета дека можело да се сработи и подобро. Прва задача ќе му биде да ги потпише законите што Собранието ги донесе изминативе месеци, а Иванов одби да ги потпише.

Иако не доби честитки од опозицијата, Пендаровски посакува добра соработка, особено за важните реформски проекти.

Лидерот на коалицискиот партнер ДУИ, Али Ахмети, телефонски му честитал на Пендаровски, а високи партиски функционери и лично. Некои од нив се пофалија дека обезбедиле стотина илјади гласови, а Артан Груби преку социјалните мрежи потенцира дека ДУИ и Ахмети прават спикери, премиери и претседатели, и дека без нив не ја бива работата. Според премиерот Заев, сите етнички заедници дале придонес, а посебно им се заблагодари на опозициските БЕСА и Алијанса што ги ослободиле граѓаните да гласаат по своја волја.

Инаугурацијата на Стево Пендаровски за претседател ќе се одржи на 12 мај во Собранието. Истиот ден, истекува 10 годишниот мандат на претседателот Ѓорге Иванов.

 

Соња Николовска

           

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ