Прв пат лицата со попреченост ги набљудуваат изборите

Четириесет лица со попреченост на овие избори се набљудувачи. На дводневна обука се запознале со нивните задачи на избирачкото место. До сега можеа само да гласаат , најчесто со придружба.

Сега треба да контролираат дали лицата со попречност имаат пристап до гласачките места и каков е односот на избирачките одбори кон нив.

  • Ние се разликуваме од другите набљудувачи. Набљудувачите на „Инклузива“ набљудуваат на страна на попреченоста.  Благица Димитровска

Четворица од нив се на гласачките места во Скопје. Тешкиот пристап до институциите, општините и училиштата за лицата со попреченост,  не ја спречил Даниела Стојановска – Џинковска да се обучи и да го следи гласањето. Таа вели дека само ако се вклучени во избирачкиот процес може да се направат позитивни промени.

Најголем мотив да бидам искрена ми беше тоа што за прв пат на ниво на Балканот, мислам и дека на ниво на Европа сме први кои што имаме набљудувачи со попреченост. Тоа е сепак голем предизвик да се биде вклучен од другата страна и да го набљудуваш избирачкиот процес и ти си тој што ќе ги креираш политиките понатаму – Даниела Стојановска – Џинковска.

Новина е и шаблонот за гласање за слепите лица.

  • Подготвен е шаблон за гласање на слепи лица кој што се употребува и за сите граѓани. Предложивме еден универзален дизајн кој се користи во светот – граничник за потпишување  каде што слободно може да се потпише и слепото лице , но и сам да пронајде за кого да гласа дури и да не го знае Брајовото писмо бидејќи само 20 проценти од слепите лица. На шаблонот има отвори, па може слободно да го спушти пенкалото  во отворот за кого сака да гласа и да заокружи правилен круг – објаснува Димитровска од невладината „Инклузива“ 

По 28 години од независноста на државата лицата со попреченост гласаат без да стравуваат дека можат да бидат злоупотребени.

Морам да признаам дека оваа година многу повеќе се внимава на тоа како лицата со попреченост треба да гласаат особено кога гласаат со придружба. Се внимава на тоа придружникот само да помогне во читањето  на текстот кој се однесува на гласањето и воопшто да не се агитира или да не се направат обиди за семејно гласање  – додава Стојановска – Џинковска.

Статистиката на Светската здравствена организација вели дека во секоја држава од вкупното население 15 % се лица со попреченост.

Меѓутоа во Македонија нема регистар за точната бројка на лица со попреченост. Па така , невладината „Инклузива“ се води според статистиката на СЗО и според тоа кај нас тој број е околу 270.000 лица кои можат да го остварат своето право на глас.

Теодора Цветковска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ