
Во Рамни Габер за неколку часа никој не гласаше – повеќе кучиња отколку жители по габерските улици
Во селото Рамни Габер денес се отвори гласачко место. Жителите можат до 19 часот да заокружат некој од кандидатите. Претходниот пат во селото немаше гласање затоа што граѓаните одлучија така да го искажат револтот поради тоа што политичарите немаат слух за нивните барања.
„Во првиот изборен круг на претседателските избори, во селото Рамни Габер не се гласаше претседател. Тогаш граѓаните го опструираа гласањето со тоа што одлучија да го сокријат клучот од кујната на џамијата кадешто требаше да се гласа. Денес екипата на Државната изборна комисија го поставија избирачкиот материјал во друга зграда – зграда на поранешното училиште овде во селото. Но, во првите неколку часа ниту еден гласач не дојде да го оствари своето гласачко право.“
Во претходниот изборен круг екипата на Телма дојде во селото и ги посети жителите. Не дочекаа со желба да ни раскажат како се сетиле да го свртат вниманието кон своите проблеми.
„Нека дојде булдожерот тука да го видат селаните и тогаш ќе гласаме.“ на 21 април ни кажа Саљуш Азири, жител на с. Рамни Габер.
Денес повторно го посетивме селото, но не дочекаа членовите на избирачкиот одбор и еден полицаец пред малата просторија кадешто се гласа. Од избирачкиот одбор ни кажаа колку гласачи се запишани во списокот.
„Ова е избирачкото број 2344 во село Рамни Габер. На избирачкиот список има запишано 74 гласачи. До овој момент, ниеден од гласачите не го остварил своето право на глас.“ кажа Николина Серафимовска Ѓорѓиева, заменик-претседател на избирачкиот одбор.
Чекајќи да се појави некој од жителите на селото и да ни каже дали тие денес решија да бојкотираат затоа што не можат да го опструираат гласањето, налетавме само на локалните кучиња.
Петар Догов