
Немаме кадар за големите странски инвеститори
Земјава повеќе не може и нема да бара странски инвеститори на кои им требаат масовни вработувања од по пет до шест илјади луѓе, за ниска плата, бидејќи такви веќе и немаме. Ќе се привлекуваат компании со помалку работни места, но за високообразовани и подобро платени кадри. Иако стапката на невработеност е околу 19 отсто, само 105 илјади се активни баратели на работа, но половината од нив се без или со основно образование, па не можат да влезат на работа во компаниите на кои им недостига работна сила. Анкета на три илјади фирми со повеќе од седум вработени, покажала дека над 1.800 од нив се подготвени оваа година да вработат над 18 илјади лица со соодветни квалификации, но такви нема на листата на невработени.
Кога ќе видите што тие компании бараат, од високообразовани тоа се машински, електро, ИТ и градежни инженери, технолози, а од делот на средното образование се бараат технички струки – машински и електро техничар, машински бравар, оператор на ЦНЦ машина, ракувач на градежна машина, возач на моторно возило… И кога ќе видите дека компаниите бараат над 18 илјади вработени, но такви нема на списокот на Агенцијата за вработување, и затоа не се реализирало тоа вработување, вели Кочо Анѓушев, вицепремиер за економски прашања.
За да се обезбеди кадарот, веќе се работи на платена од државата преквалификација, но се менува и образовниот систем, од следната учебна година ќе биде адаптиран на потребите на фирмите. Пописот после две години, пак, ќе покаже колку луѓе фигурираат на списоците, но веќе се иселиле, а треба да се открие и колкумина работат во сивата економија.
Странските инвеститори во зоните бараат од владата да намали дел од царинските стапки за репроматеријалите. И таа смета дека е тоа потребно, а ревизија ќе мора да се направи и со приближувањето кон ЕУ. Велат, реално, голем дел од тарифите се од социјализмот и штитат производство на фабрики кои веќе не постојат.
Како Влада им дадовме задача на Министерството за финансии и на Царината да се направи анализа и да се види што тоа значи и каков импакт тоа ќе има врз буџетот, бидејќи мора да внимаваме за да не направиме дисторзија и на приходната страна на буџетот, вели Анѓушев.
Мора да се реши проблемот и со слабата соработка која компаниите во зоните ја имаат со домашните фирми.
Земјава денеска беше домаќин на Европскиот самит на слободни зони, со над 350 учесници, се бараа модели како тие да бидат уште побезбедни и во нив да се спречат обидите за шверц.
ОЕЦД подготвува препораки за слободните зони и нелегалната трговија во нив. Многу е важно за вашата држава да ги потпише овие препораки, зашто тоа помага во борбата против нелегалната трговија и во привлекувањето на странските инвестиции“, вели Шантал Пуре, претставничка на ОЕЦД.
Во светот функционираат 2.600 слободни зони, во 165 држави.
Нина Нинеска-Фиданоска