
Експерти: Ново зголемување на минималецот ќе донесе проблеми за малите фирми, а ќе нема ефекти
Ново зголемување на минималната плата на 13 илјади денари, за кое се преговара да стартува од јули, ќе предизвика големи проблеми кај компаниите, особено кај малите и кај трудоинтензивните дејности, а од друга страна, нема воопшто да има ефект врз пораст на другите плати во земјава, од причина што станува збор за маргинална сума, која нема да донесе подобар животен стандард, предупредуваат експертите.
Според Горан Рафајловски, оваа минимална плата ќе треба да ја даваат микро, малите и средни фирми, а во земјава, вели, веќе пет години не се прави ништо за да се подобри климата за нивно работење, па прашање е од каде ќе најдат пари за овие дополнителните трошоци.
„Ќе предизвика проблеми на повеќе нивоа. Прво, дали се има толку средства за да се исплатат такви пари, второ, дали им е одржлив бизнисот за да плаќаат толку средства и трето, јас мислам дека Владата во овој момент нема потреба да брза да подигнува такви прагови, од проста причина што толку е намален бројот на луѓе во Македонија, што самите компании сеедно мора да дадат повисока плата, за да привлечат било каков работник“, вели Горан Рафајловски, експерт.
Поради сите овие причини, сериозни бизнисмени веќе размислуваат да го преселат својот бизнис надвор од земјава.
Дел од стопанствениците неодамна предупредија дека дополнителни трошоци за плати, доколку за нив државата не даде парична помош, можеби ќе мораат да размислуваат и за отпуштања.
За Рафајловски, ова ќе зависи од тоа колку е одржлив нивниот бизнис.
„За да отпуштите од работа, треба да го затворите бизнисот, значи ако ви е дојдено дотаму да илјада денари по вработени, односно педесетина или стотина илјади денари во текот на месецот во влијаат врз бизнисот, тогаш дефинитивно ќе го затворите бизнисот. Значи, не правиме овде муабет за параметрите на нечија помала добивка, туку за одржливост или неодржливост на бизнисот. Ако некому го наруши бизнисот, ќе го наруши сеедно, а на тие што не им е нарушен, ќе се борат за вработените, бидејќи и онака ги нема довболно во земјава за било која струка“, вели Рафајловски.
Минималецот, кој со закон мора да биде исплатен, во моментов е 12 илјади и 507 денари. Во наредните месеци власта ќе преговара со синдикатите и работодавачите, и очекува дека ќе се најде решение од кое сите ќе бидат задоволни, а буџетот бил во добра форма и може да издржи нови субвенции за уште едно зголемување на минималната плата.
Работодавачите, пак, се на став дека нашите работници не се доволно продуктивни за повисоки плати, а зголемувањето на минималната, според нив, може да делува дестимулативно за оние другите со нешто повисоки плати. Инаку Владата се обврза дека до крајот на својот мандат треба да ја зголеми минималната плата до 16 илјади денари.
Нина Нинеска-Фиданоска