Иванов се подготвува да замине од Вила Водно

Најдоцна за 10 дена, претседателот Иванов треба да се исели од Вила Водно. Претседателската резиденција ќе се подготвува за новиот станар, кој треба да биде избран на изборите в недела.

Од кабинетот веќе побарале информација со колкав буџет ќе располага Иванов по завршувањето на мандатот како и други детали поврзани со формирањето на новиот кабинет, но официјално барање не е доставено.

Законот за правата на поранешниот претседател, донесен 2004-та година, му обезбедува на Иванов пензија од стотина илјади денари месечно, колку што зема актуелниот шеф на државата.

Му следува канцеларија со тројца вработени по негов избор, лично обезбедување, службено возило, возач и учество на државни манифестации. Во случај на смрт по завршувањето на мандатот, пензијата во износ од 70% ја наследува сопругата.

Семејството на починатиот претседател има право и на изградба на куќа и школување на децата.

Ова право го користат Вилма Трајковска и двете деца на претседателот Борис Трајковски, кој загина во последната година од својот мандат.

Доживотни бенефиции има и неговиот наследник, експретседателот Бранко Црвенковски. Стана пензионер со 47 години и има сопствена канцеларија во близина на партиското седиште.

Политички не е активен, а отприлика еднаш годишно ги соопштува своите ставови на посебната интернет страница.

Мандатот на Иванов завршува на 12 мај, денот кога беше одржана инаугурацијата во претседател пред 10 години.

Доколку в недела не биде избран нов претседател, ќе го заменува по функција претседателот на Собранието Талат Џафери.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ