
Без цензус Џафери станува прв човек во државата
Претседателските кандидати и партиите што ги поддржаа се уверени дека в недела ќе излезат на гласање над 720 илјади гласачи, со што ќе биде исполнет условот за цензус над 40 одсто. Доколку нивните надежи не се остварат, Уставот нуди преодно решение: до изборот на нов претседател, функцијата ќе ја извршува претседателот на Собранието.
Со тоа, парламентарното мнозинство останува без неговиот глас, бидејќи Уставот наложува во овој период Џафери да нема право на одлучување при гласање во Собранието. Вистинската дилема е за колкав период се работи.
10-годишниот мандат на Иванов завршува на 12 мај, што значи, дека нови избори би требало да има во втората половина на јуни. Во неколку брифинзи со новинарите, Џафери посочи дека тоа е тешко изводливо и дека во таков случај, избори би имало во рок од шест месеци, или, некаде во ноември. Уште повеќе, доколку се организираат паралелно со парламентарни, што би било остварување на најавите на премиерот Заев за предвремени избори доколку Пендаровски не стане претседател и прифаќање на барањето на опозицијата.
Поголемиот дел од аналитичарите се уверени дека цензус ќе има. Поради малата разлика меѓу двајцата првопласирани кандидати во првиот круг, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ имаат доволно силен мотив. Евентуалната незаинтересираност кај албанците, велат експертите, ќе ја менаџира ДУИ, за да покаже колкав е нејзиниот потенцијал во гласови.
Успешниот втор круг нема да го затвори прашањето за преиспитување на начинот на бирање претседател. Сериозно се размислува за укинување на цензусот во вториот круг или за избор на претседател во Собрание. За било какви промени, потребно е повторно отварање на Уставот и неколкумесечна процедура во три собраниски фази.
Соња Николовска