
Градежното дивеење на патот од Тетово кон Попова Шапка не престанува
Хотели, ресторани, викендици, куќи за домување. Од се по нешто никнува покрај регионалниот пат Тетово – Попова Шапка. Градби има и до самите банкини и потпорни ѕидови од патот, иако законот за градби тоа не го дозволува.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски се пофали дека владата работи на раконструкција на овој патен правец, но за градбите долж патот од кои голем број не се легални немаше многу информации.
И од Општина Тетово не даваат многу информации поврзани со градбите долж овој патен правец. Велат дека ќе бараат решение дел од нив да се вметнат во новиот генерален урбанистички план кој се подготвува, а со останатите ќе се постапи според законот.
Но како за градбите покрај патот така и за голем број нелегални објекти кои никнуваат на Шар Планина, локалната но и централната власт се уште немаат преземено никакви мерки. Бесправно се гради и во недопрената природа покрај реки, се отвараат пристапни патишта уништувајќи го еко системот. Планинарските друштва велат дека безаконието на Шара може да се сопре, ако оваа природна убавина биде што проскоро прогласена за национален парк.
Но постапката за прогласување на Шара за национален парк повеќе од 15 години тапка во место.
Министерот за животна средина Садула Дураку во лани септември, изјави дека оваа планинска област ќе биде заштитена на крајот од оваа година. Истакна дека најпрвин треба да се изработи студијата за валоризација на природните вредности и исцртаат границите на заштитеното подрачје. Потоа според него прогласувањето треба да влезе во владина и собраниска процедури. Но од Агенцијата на обединетите нации за животна средина велат дека се уште се работи на студијата за валоризација на вредностите на Шара и мали се шансите оваа година планината да се прогласи за заштитено подрачје
Шар Планина на страната на Косово прогласена е за национален парк пред 30 години. Ако се заштити и на македонската страна овој планински предел би преставувал најголем заштитен појас во Југоисточна Европа.
Зоран Димовски