Институциите ветија помош за семејството Зекирови – некои по изборите, а некои откако ќе им извадат документи

Надлежните се запознаени со случајот на Зекирови. Ова велешко семејство деновите ги поминува во сиромаштија, а мајката и двете новородени близначиња завршија во болница заради неухранетост и болест. Од Општина Велес ни кажаа чекаат да заврши изборната кампања за да можат да им помогнат барем привремено со нивните пари. Повеќе може да им помогне централната власт – ни кажа градоначалникот.

„Ништо не може итно да се преземе заради строгите забрани додека се одвива изборната кампања за претседателските избори. Ние одамна се залагаме да дојде до децентрализација на надлежностите, тие да преминат целосно на локално ниво за да може општините како најблиска власт до граѓаните кои најлесно можат да ги идентификуваат овие случаи навреме да реагираат за да не дојде до вакви последици. За жал и доделувањето на социјалните станови или згрижувањето во таквите соодветни објекти не е уште пренесено во надлежност на локалната самоуправа.“ за Телма кажа Аце Коцевски, градоначалник на Велес.

Зекирови досега никогаш не добиле социјална помош. Пречка за тоа е непотполната документација со која располага невенчаната жена на Севѓул, Фросина. Од Центарот за социјални работи во Велес веќе се ангажирале да и ги средат документите за да може да се пријават и да добиваат паричен надомест.

Со оглед на тоа што мајката е постара малолетничка и живее во вонбрачна заедница, а истата нема контакт со родителите, ЦСР Велес и назначи старател за вадење на лични документи врз основа на кои може да ги оствари правата од областа на социјална, детска и здравствена заштита. Истовремено на семејството му е обезбедено млеко, памперси и средства за лична хигиена, велат од Центарот за социјални работи во Велес.

Зекирови живеат во темнина и без основни услови. Се капат со црево во дворот. Струја немаат. Ги прашавме во ЕВН, а оттаму ни кажаа дека потребно е да се земат предвид условите во трошната градба во Велес и зошто таму немаат електрична енергија. Ќе ги проверат условите на градбата и каква е внатрешната инсталација. Ќе ги прегледаат и документите за да видат дали објектот е легален.

Севѓул Зекиров и двегодишниот син во овој момент се дома и чекаат Фросина со двете близначиња наскоро да излезе од болница и да се врати дома. Продолжуваат да живеат од донациите на навивачите Гемиџии и други добронамерници, се додека да се стабилизираат со постојани приходи.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ