
Во Берлин по побрз датум за преговори
Околу пладне од Скопје за Берлин со државниот лир џет одлета владината делегација предводена од премиерот Заев. Ќе учествуваат на конференцијата на државите од Западниот Балкан, а нивни домаќини во федералната владина зграда во Берлин се канцеларката Ангела Меркел, францускиот претседател Емануел Макрон и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. Развој на соработката на државите од Балканот е општата дипломатска дефиниција која се употребува за оваа средба, а официјална носечка тема се односите на Србија и Косово.
Македонската делегација ја очекува онаа втора неформална тема која ќе биде во фокусот, односно покана за почеток на преговори за членство во Европската Унија уште во јуни како награда за досегашните резултати пред се Преспанскиот договор и отпочнатите реформи во повеќе области.
Ние ќе ја потенцираме потребата за развој на соработката на државите на Балканот и Преспанскиот договор како пример за успешно решавање на долготраен проблем меѓу две држави на Балканот, кратко за Телма соопшти еден од членовите на делегацијата која е во Берлин.
Македонските претставници уште немаат официјална потврда за средба со Меркел иако новинарите во Брисел и во Берлин веќе најавија дека Меркел прво ќе има билатерални средби со делегациите на Албанија и Северна Македонија, па потоа канцеларката ќе се сретне со францускиот претседател Макрон, познат како противник на новото европско проширување, дека треба да попушти и да даде шанса пред се на Скопје за почеток на преговори.
Франција прва, Балканот втор? Со ова прашање бриселскиот аналитичар Флориан Едер го претставува ставот на Макрон и мислењето дека неодлучноста на ЕУ кон Балканот може да го искористат другите сили мислејќи на Кина и Русија.
Брисел е загрижен, Макрон може да стави крај на почетокот на пристапните преговори – откако премиерот на Северна Македонија Зоран Заев преземајќи голем ризик го издејствува договорот за името со Грција и сега очекува (некои би кажале и ветеното, преку едногласно прифатени критериуми од ЕУ земјите) позитивен сигнал како одговор. Државата на Заев е меѓу два круга претседателски избори. Одлагањето на одлуката на ЕУ да ги почне преговорите со Северна Македонија наспроти шансата со следниот пакет за проширување, закажан за по евроспките избори, може направи огромна разлика и во земјата и во регионот.
Германските весници пак прогнозираат дека Меркел ќе се обиде до крај да го убеди Макрон да попушти и Северна Македонија да почне преговори. Отворени врати за Балканот бараше и евро комесарот за проширување Јоханес Хан, но него го нема на листата домаќини во Берлин. Инаку по инсистирање на Франција, Северна Македонија и Албанија влегоа заедно во груап која треба да напредува кон ЕУ, иако поради сложената албанска политичка состојба, тоа прави проблеми на властите во Скопје. Македонските очекувања покрај премиерот Заев ќе ги пренесат и вицепремиерот Бујар Османи и шефот на дипломатијата Никола Димитров. Сепак главната тема на конференцијата со односите Белград-Приштина. Србија нема големи очекувања бидејќи нејзините традиционални пријатели Грција, Бугарија и Романија не добија покана за Берлин, Косово пак очекува притисок врз Белград и одмрзнување на преговорите. Албанските политичари од Тирана и од Приштина заедно отпатуваа за Берлин со приватниот авион на косовскиот минситер за надворешни работи Пацоли.
Миомир Серафиновиќ