
Откупната цена на јагнешкото месо го допре дното
Сточарите од полошко велат дека кланиците во Македонија за килограм јагнешко месо нудат 120 денари, цена со која не можат да ги покријат трошоците.
Сточарот Зијадин Зејнулаи од Шарпланинското село Селце, вели дека поради ниската цена сточарите се откажуваат да чуваат овци, а и тој планира наесен да ги продаде.
Сточарите се жалат и на доделувањето на субвенциите кои според нив секогаш доцнат, а неретко завршуваат и во раце на лица кои воопшто не чуваат овци.
Од Сојузот на земјоделци, велат дека нашата држава беше лидер во регинот по сточарската гранка, сега сме последни. Бараат државата со сериозни мерки да ја спаси оваа дејност.
Најпрвин да дозволи да се отворат повеќе кланици, затоа што постојните четири ја диктираа цената. Според нив треба да се укине и забраната за извоз на жива стока. На тој начин сточарите ќе бидат тие кои ќе ја одредат цената на јагнешкото, кое слободно можат да го продаваат на странскиот пазар.
Македонија пред околу две децении имаше 2 милиони грла овци, а сега според Сојузот на земјоделци има едвај 400 000 со тенденција на намалување.
Зоран Димовски