
Две години од крвавиот четврток пред собранието како ништо и да не се случило
Вратите се отворија, демострантите упаднаа и истепаа пратеници и новинари, полицијата 2 часа не делуваше. Пратениците кои ги отворија вратите се амнестирани, заедно со организаторите на протестите од “За заедничка Mакедонија” и со внатрешното обезбедување на зградата.
Осомничените организатори пак дел се во бегство дел во притвор чекаат обвинение.
Првоосомничен е Никола Груевски екс претседателот на ВМРО ДПМНЕ, но е избеган во Будимпешта.
Осомничени помошници од неговата партија се екс министрите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески, првиот е во притвор во Шутка, вториот во домашен. И тогашниот претседавач Трајко Вељановски е меѓу осомничените но тој се брани од слобода, оти токму неговите колеги од собранието го спасија, не му го одземаа имунитетот.
Прв пак во притвор заврши поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски. Последен е Никола Бошковски, екс началникот во петтата управа. И тој е избеган но во Грција. Во листата амнестирани се впишаа пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов и Сашо Василевски, оние кои целата јавност ги виде како ги отворија вратите за народот да влезе.
Ден по излегување од притвор го стиснаа копчето за уставни измени, десетина денови откако беа амнестирани за промена на името.
Со повреди на главата и телото поминаа неколкумина пратеници на СДСМ но и дел од новинарите и снимателите кои се најдоа во прес салата при упадот. Сепак на крвавиот четврток најтешко помина пратеникот на Алијанса за албанците, Зијадин Села.
За негов обид за убиство веќе се осудени деветмина. Никој од пратениците на тогашната коалиција на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ не беше повреден во овие инциденти. Денеска партијата на Села запраша зошто каменот кој на едно годишнината го поставија пред собранието не стои како споменик за настанот.
Желбата веднаш им беше исполнета па службите од собранието го поставија пред врата. Коментар за две годишнината од крвавиот четврток, јавноста денеска не слушна од ВМРО ДПМНЕ и ДУИ.
На 27 април 2017-та кулминираше кризата која неколку месеци го следеше Собранието, по што прекина 11 годишното владеење на Груевски а власта отиде во рацете на Заев.
Билјана Николовска