
Хан: Одлагањето на преговорите со С. Македонија може да има драматични последици
Повторно одлагање на преговорите за Северна Македонија и за Албанија би можело да има драматични последици за целиот регион, порача евркомесарот Јохане Хан во интервју за агенцијата Европа. Според Хан се работи за кредибилитетот на ЕУ.
„Земјите-членки сами го одредија јуни 2019 како датум за одлуката за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија, одлагањето би можело да има драматични последици врз целиот регион“, вели Хан.
Хан во интервјуто потсетува дека земјава веќе десет години чека на отворање на преговорите, блокирани поради спорот со Грција.
„Сега кога овој проблем е решен благодарение на политичката храброст и одлучност на двајцата лидери и кога констатираме одличен напредок во внатрешните реформи, би било многу разочарувачки ако отворањето на пристапните преговори повторно се одложи“, изјави Хан.
Интервјуто на Хан доаѓа еден ден по пораката која стигна од Париз дека Франција останува резервирана за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија во јуни. Притоа тој упати порака до европски земји, скептични за проширувањето, дека тие не смеат да ја занемарат политката на ЕУ за проширување, велејќи дека Западниот Балкан не смее да се препушти на Русија, Кина, Турција, кои не ги интересираат европските стандарди.
За противењето на Франција да деде зелено светло за проширување на Унијата со регионот Хан вели:
„Убеден сум дека претседателот Макрон ќе го сподели моето мислење дека воопшто нема да биде во геостратегиски интерес на ЕУ да го остави Западниот Балкан на други играчи. Но геостратешкото ангажирање ќе функционира единствено доколку земјите-членки, вклучително и Франција, ќе ја потврдат европската перспектива со потврдување на индивидуалните постигнувања на земјите“, смета Хан.
Неприсуство на самитот на Западниот Балкан в понеделеник во Берлин, заеднички организиран од Франција и Германија, а на кој освен лидерите од регионов, ќе присуствуваат и Словенија и Хрватска, Хан го објасни со тоа дека на средбата фокусот ќе биде ставен дијалогот меѓу Србија и Косово, што, како што вели тој, е во надлежност на Федерика Могерини.
Агнецијата Европа во воведот на интервјуто со Хан го пренесува ставот на Франција, дека самитот го смета за неформален на кој ќе се дебатира за регионалната соработка и стабилност, со охрабрување за Србија и Косово да го обноват дијалогот, додека прашањето за преговорите со Скопје и Тирана не е на дневен ред, со објаснување дека тие немаат легитимитет да решаваат прашања кои се во надлежност на ЕУ.
Тамара Грнчароска