
Ребаланс на буџетот на средината на годинава, но не заради ниски капитални инвестиции, туку заради подобри приходи
Ребаланс на буџетот ќе има на средината на годинава. Сепак, и покрај исклучително ниската реализација на капиталните инвестиции од само 6,2 отсто во првиот квартал, премиерот Заев тврди дека прекројувањето на државната каса нема да се случи заради ова потфрлање, туку, напротив, поради добрата наплата на буџетските приходи, кои ќе овозможеле и планирање на нови капитални проекти.
„Размислуваме за рфебаланс на буџетот заради одличните перформанси на буџетот, пред се во приходниот дел, со кои можеме да предвидиме почеток на нови капитални зафати, само заради тоа. Кога ќе биде,. Се зависи од политичката ситуација во земјава, дали изборите ќе бидат успешни или не, ние очекуваме успешни избори. Може и да биде на лето, министерот за финансии ќе каже, но досега приходниот дел од буџетот ни дава за право да размислуваме од позитивен аспект за ребалансот“, вели Заев.
Бројките кои денеска ги објавија финансии говорат дека за три месеци се реализирани капитални расходи од само 26 милиони евра, од вкупно планирани за годинава 422 милиони, што е само 6,2 отсто. За ниската реализација на капиталните проекти премиерот вели дека во првите месеци земјава ги плаќала ланските фактури ми вратила голем долг, и тврди дека се гради на сите страни, патишта, гасификација, пругата, училишта, подобри бројки ќе има во наредните квартали.
„Очекуваме први времени ситуации, втори, завршни ситуации, каде што ќе има исплати, а преку исплатите се дефинираат и капиталните инвестиции. Секоја недела го следиме трендот на реализација и јас сум засега задоволемн од деталните извештаи. Бројките ќе бидат во вториот, третиот квартал, тие што сега се реализираат“, вели премиерот Заев.
И минатата година беше слабо остварувањето на инфраструктурните проекти, поради што со ребалнс беа скратени дел од парите.
Од друга страна, на приходната страна, од даноци се наплатени 427 милиони евра, што е 22 отсто од планот, а вообичаената наплата за еден квартал е околу 25 проценти.
Бизнисот и експертите посилна економија очекуваат со евроатлантските интеграции, но мора и да се внимава.
„На едната страна се нови пазари, поголем извоз, технологии, но на друга се предизвици, како што е миграција на квалитетна работна сила, нови стандарди, регулатива“, вели Борче Треновски, универзитетски професор.
Земјите што влегле во ЕУ и НАТО, ако не го направеле тоа, ќе имале за 10 отсто понизок БДП по жител, покажуваат истражувањата.
Нина Нинеска-Фиданоска