
Оптимизам и предупредувања во светските медиуми околу спорот со името
Тоа што Грција го прави е апсурдно – ова е ставот на Штефан Требст, германски професор за Источна Европа. Ставот го пренесува германскиот неделник Шпигел, кој во најновата статија за вчерашните протести во Атина, се обидува да го објасни конфликтот меѓу Грција и Македонија. Професорот Требст за Шпигел вели дека нема основа за страв, од страна на грчкиот народ, дека евентуалното решение на долгогодишниот спор со името би и нанел штета на државата или би бил опасно по нејзината безбедност.
„Тоа е апсурдно, бидејќи со децении Грција е членка на НАТО и на Европската унија и има армија која е значително поголема од таа на микроскопската држава Македонија“, вели Требст.
Со наслов „Соседи во битка за името – Спорот меѓу Грција и нејзиниот северен сосед натера илјадници Грци на протести во Атина“, стои во угледниот Фајненшал Тајмс кој пренесува дека Грците се исплашени од наводните иредентистички претензии од Македонија. Весникот забележува дека една од најпознатите личности на грчката култура, 92-годишниот Микис Теодоракис, под транспарентот „Тргнете ги рацете од Македонија“ предупредува дека постапките на владата се закана за територијалниот интегритет на Грција.
„Време е за решенија“, оптимистички најавува во коментарот весникот Тагесцајтунг.
„Со минување на време проблемот нема да се реши. Во Атина се свесни за тоа. Веројатно и во Скопје расте свеста дека јужниот сосед, и покрај патриотскиот патос кој одвреме-навреме го емитува, нема територијални претензии. Притоа, сите грчки влади во последните 20 години прифаќаа дека името Македонија ќе биде дел од решението. Во замена бараат уставни и безбедносни гаранции кои ќе ги спречат идните соништа за Голема Македонија до Егејот“.
Колумнистот смета дека многу нешта се сменети од минатото.
„Денес големите партии не се категорично против компромис, државната телевизија не промовира патриотска идеологија, а моќната православна црква делува поделена по однос на македонското прашање. Сѐ на се: доаѓа времето за решение“, заклучува Тагесцајтунг.
Можеби најрелевантиот коментар доаѓа од германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг под наслов „Флексибилно цинично“, каде покрај состојбата во Грција, се анализира и однесувањето на Русија во спорот за името.
„Спорот за името меѓу Грција и Македонија е повеќе од само фарса меѓу две држави. Тој може да има последици за стабилноста на целиот регион на Југоисточна Европа. Затоа што Атина не дозволува Македонија да се вика исто како и нејзината истоимена провинција, со години го блокира приближувањето на нејзиниот северен сосед кон ЕУ и НАТО. Тоа со години ја насочуваше Македонија кон авторитарно-националистички курс кој речиси ја растргна земјата, а последиците за околните држави ќе беа непроценливи. Новото придвижување во спорот за името е овозможено благодарение на демократските промени во Македонија“.
Но, весникот предупредува дека тој напредок може да се загрози доколу Атина повторно стане националистички тврдоглава, и дозволи опортунизмот и цинизмот на Москва да влијаат на процесот.
„Кремљ сака да го спречи зачленувањето на Македонија во НАТО. Во однос на ова прашање Москва се покажува флексибилно цинична како и секогаш. Досега имаше големо разбирање за македонските националисти, а министерот Лавров сега ги советува Грците да не прифаќаат компромис“, пишува ФАЦ.
Покрај геополитичкиот аспект и компликациите кои грчките протести ги создаваат за американските и НАТО интересите во регионот, грчкиот левичарски портал Дифенд Демокраси, алармира колкав е домашниот притисок врз Ципрас и неговата влада.
„Тие се под силен притисок од американската администрација и веројатно веќе имаат дадено гаранции кон Вашингтон. Но, доколку останат на своите позиции, најверојатно ќе испровоцираат опасна криза во земјата. Проблемот не е само што 70 проценти од популацијата е против нивната политика, туку што опозицијата е многу силна, покрај јавното мислење кое владината политика ја доживува како национално предавство. Протестите беа мирни, но делуваат одлучни да направат се што треба со цел да го запрат гласањето на евентуалниот договор во Парламентот“.
Ципрас излезе во пресрет на ваквите стравови кажувајќи дека наводниот „Земјотрес“ и милионите демонстранти останаа само желба на организаторите, експремиерот Андонис Самарас и на лидерот на опозициската Нова Демократија, Кирјакос Мицотакис“.
Од неговиот кабинет велат дека оние кои останале дома и го гледале протестот на телевизија знаат дека важните прашања од надворешната политика не се решаваат со фанатизам и нетолеранција.
„Продолжувам, со мирна совест и одговорност, да преговарам за доброто на татковината“, напиша Никос Коѕијас на Твитер, и со тоа го потврди ставот дека владата во Атина нема да биде под влијание на протестите во нејзината одлука за решавање на спорот со името и со цел да се засили стабилностa на Балканот.
Со свој став излезе и шведскиот дипломат Карл Билд кој повика на силна посветеност на европските сили во решавањето на спорот и дека без тоа балканската стратегија на ЕУ може да пропадне.
Медиумските и политичките реакции од Европа и светот, говорат за една новопронајдена свест дека спорот за името е многу поважно од обично билатерално прашање, ја тангира регионалната стабилност, но и балансот меѓу големите светски сили.
Ивор Мицковски