
Повторно гореше дива депонија во Скопје – печката за ѓубре во Дрисла сѐ уште не е направена
Најмалку три децении кај Вардариште се истура секаков отпад – кабаст, комунален, градежен шут. Градските власти признаваат дека не можат да го расчистат тоа за кратко време. Таму има натрупано многу ѓубре. Тоа вчера дури и се запали. Ова е нова дива депонија во Скопје кадешто се појави пламен во последниот месец.
„Таму треба многу многу внимателно да се решава проблемот. Таму не можете едноставно само да ги пуштите булдожерите со цел да расчистат таа депонија. Станува збор за депонија којашто ја користел Градот Скопје како место кадешто целиот комунален отпад од нашиот град завршувал повеќе од 30 години.“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Градските власти имаат план како да се ослободат од целиот тој отпад на Вардариште. Но, не можат да бидат брзи во работата. Сакајќи да се ослободат од едно ѓубре, наидуваат на друг проблем.
„Ѓубрето од Вардариште ќе заврши во печката за спалување што ќе ја изгради новиот концесионер во Дрисла меѓутоа тоа е еден процес во којшто треба многу многу да се внимава имајќи во предвид дека сега кога го копаме колекторот таму наидуваме на токсични материи.“ кажа Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје.
Пред три недели, четири пожарни го гаснеа огнот кај дивата депонија во Карпош. Со строги казни, властите ќе се борат во иднина да нема потпалување.
„Ќе биде најстрого казнето и санкционирано. Немаме намера ниту ние, ниту Градот, ниту јавните претпријатија упорно само да чистиме без притоа да превенираме создавање на ново ѓубре.“ кажа Стефан Богоев, градоначалник на Општина Карпош.
Само во главниот град има голем број диви депонии кои чекаат да бидат расчистени, за во иднина да не се случува да горат поради несовесни граѓани.
„Според информациите од градските власти, ова е една од петстотините депонии коишто фигурираат во Град Скопје. Тие не можат да се исчистат веднаш, потребни се системски решенија – уверува градоначалникот Шилегов.“
Петар Догов