
Река: Нема да тргуваме со гласовите
Од изборниот штаб на претседателскиот кандидат, Белрим Река, по вчерашните повикувања и на двајцата кандидати Силјановска и Пендаровски, кои се пласираа во вториот круг, да им ги даде гласовите, велат дека нема да има политички пазар ниту со едниот, ниту со другиот кандидат.
На своите гласачи им порачуваат да гласаат по своја волја во вториот изборен круг, без оглед какви пораки ќе испраќаат штабовите на двајцата кандидати.
„Ние уште на почетокот на кампањата порачавме дека нема да правиме политички пазар со гласовите. Не повикуваме ниту на бојкот, ниту пак ќе ги храбриме гласачите да гласаат за Силјановска или Пендаровски. Истиот став го делат и партиите кои застанаа зад Река, ‘Алијанса на Албанците’ и ‘Беса’ на Билал Касами. Сметаме дека на тој начин покажуваме зрелост и демократски капацитет и се оградуваме од политички игри“, изјави Флорин Хасани, шеф на изборниот штаб на Река.
Од таму додаваат дека универзитетскиот професор и кандидат од првиот круг, за време на вториот дел ќе се огради од давање изјави за медиумите.