
Растат приходите од камати и провизии на банките
Растат приходите од камати и провиозии на банките во земјава. За девет месеци лани само од разликите меѓу каматните стапки на кредитите и штедните влогови банкарскиот систем заработил 188 милиони евра, или два милиони евра повеќе од претходната година, говорат податоците на Народна банка. Од провизии, пак, банките инкасирале дури 53 милиони евра, што е исто раст за два милиони. Најголемиот дел од заработувачките се кај големата банкарска тројка.
Во соседна Србија сусдскиот систем застана контра банкарските трошоци. По Основниот, и Апелацискиот суд во Белград донел правосилна одлука со која на една банка ѝ налага да му исплати на тужителот близу 4 илјади швајцарски франци, и тоа со камата од 2006, поради наплатени трошоци за обработка на кредитот.
Граѓанските активисти бараат и овдешните власти да се позанимаваат со банкарските провизии.
„Провизиите се големи, треба убава анализа да се направи, со финансиски експерти, и на ниво на Влада да се измени дел од законот кој ги регулира банките и нивните провизии. Во Србија излезе нов закон, се прави поврат на таа провизија земена од приватните банки, плус Народната банка на Србија го подигна тоа прашање, и тоа треба да все спроведе и во Македонија, НБМ има право да ја регулира работата на приватните банки“, вели Глиготова.
И граѓаните реагираат, велат, тешко дека во земјава ќе се случи српското искуство.
„Очично кога е сиромав народот, мора да зема кредит, а банките тоа го користат и го злоупотребуваат со зголемени каматни стапки. Во 90 те беа до 15 отсто, сега се пониски 10, 11 што е повторно превисоко. Банкарскиот систем е одвоен од државата, но властите можат да направат, ако не се враќа, барем да не се земаат сега провизиите“, вели еден граѓанин.
„Премногу високи за кредитите што ги земаат граѓаните, а премногу ниски за депозитите во банките, тие дојдоа до 0,2 проценти, за жал“, вели граѓанка.
„Јас мислам дека се високи каматите, тоа зависи од монетарната политика, како ќе го регулира тоа. Сум прочитал за случувањата во Србија, кај нас многу тешко тоа, за 25 години ниту сум слушнал такво нешто, ниту ќе го видам, претпоставувам“, вели граѓанин.
Банкарите не се согласуваат. Од Комерцијална банка за Телма велат дека провизиите кои се наплатуваат при одобрувањето кредити не се измислени во овој регион, ниту пак популистичките мерки во некои земји, ќе влијаат на нивното целосно укинување во пошироки размери. Провизиите немаат врска со каматата, бидејќи таа е цена на кредитот, и во неа е содржан ризикот кој го презема банката.
„Провизиите се најчесто поврзани со администрирањето и обработката на кредитното барање. Клиентите се запознаени со овој елемент на договорите за кредит и тоа не е нешто сокриено од нив или нешто што е дополнително нетранспарентно наплатено по одобрувањето на кредитот“, велат од Комерцијална банка.
Покрај овие, банките наплатуваат и други трошоци – за водење трансакциска сметка, електронско банкарство, наплата на сметки и други.
Нина Нинеска Фиданоска